Во Катланово, над бензинската пумпа на автопатот Велес – Скопје, пред неполн час избувна пожар. Во моментов гори нискостеблеста шума, а стигијата се шири кон повисокиот дел со борови дрвја.
Како што изјави за МИА командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, седум противпожарни возила се на терен.
– Засега гори нискостеблеста шума, но пожарот се шири кон боровите. Веднаш интервениравме, најпрво со две екипи, а потоа, откако беше побарано засилување, испративме уште пет. Засега не можеме точно да кажеме од што избувнал пожарот, само се обидуваме да го изгансеме или локализираме – рече Симоновски.
ОБНОВЕНО Десет возила и 22 пожарникари засега се вклучени во гаснењето на пожарот кај Катланово. На терен е испратено и едно возило од рафинеријата „Окта“, да им помогне на пожарникарите.
Како што изјави за МИА командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, со пожарот чие гаснење ќе продолжи во текот на ноќта, е зафатена голема површина, но не може да се процени точно колку зашто е темно и видливоста е намалена.
– Засега сме на терен 22-ца пожарникари со десет возила. Продолжуваме со гаснење и во текот на ноќта. Зафатена е голема површина која се шири нагоре, кон боровата шума, но сметаме дека стихијата нема да ги зафати викенд-куќите – рече Симоновски.
Според ТВ 21, пожарот брзо се шири и веќе се зафатени неколку викендици.