За првпат ќе имаме парламентарни избори на кои СДСМ има попопулистички лидер отколку ВМРО-ДПМНЕ, пишува Гордан Георгиев во својата најнова колумна за Дојче веле.

Плашете се вмровци, доаѓа Заев. Доаѓа на квадрицикл, по нерамен терен, со распетлана кошула, без кацига, и со полн паричник. Има за сите по нешто, сѐ уште има. Ќе ја изора Македонија, ќе биде забавен, понекогаш дрзок, често искрен, понекогаш ќе ги затнуваме ушите, но тоа е тој. И не крие дека е таков. Дамнешни изгледаат времињата кога во штабот на Груевски пукаа шампањско во чест на победата на Заев на првите (и единствените!) вистински внатрепартиски избори кои ги организираше СДСМ. Хм, слушам и во СДСМ така пукале шампањци кога Никола Груевски го водеше ВМРО-ДПМНЕ на избори во 2006.

Денес Заев е премиер на Република Северна Македонија. И оди на избори. Ќе оди со полн куфер ветувања, со фотографии, гушки и бацки со разни Ангели Меркели, Јоханеси Ханови, Доналди Трампови (пардон, Тускови), Ципраси и Бојко Борисовци, Помпеовци и Пенсовци. Со селфија од авиони и буџет од три билиони. Со чиста мисла и без покајание за делата што ги направил. Знам, вие ќе речете дека делата се недела, ама во недела на 12 април ќе се преброите. Она што е добро е дека на овие избори влогот е навистина мал. Никој нема што да изгуби. Освен оние неколкумина чиишто судски процеси се во тек. Кроткоста на Заев и ширењето на политичката игра речиси до безвкус, им овозможува на победниците да слават без отровни исцедоци, а губитниците да не жалат премногу. Тоа Заев и го најави од фамозната трибина во Прилеп. Мало сутра на овие избори, но веќе прекосутра, зошто да не- му порача тој на Мицковски. Ниту ВМРО-ДПМНЕ ќе коле и ќе беси ако дојде на власт, ниту СДСМ ќе биде полош од претходно. Таква е природата на оваа Македонија без Груевски и членка на НАТО.

Плашете се вмровци, бидејќи Заев во кампања не е шега. За првпат ќе имаме парламентарни избори на кои СДСМ има попопулистички лидер отколку ВМРО-ДПМНЕ. Заев не крие дека е човек од народот, близок до народот, дека го разбира народот. И ова не е сосема неточно. Сте се излажале ако мислите дека кај СДСМ нема калкулација за тоа. Мало сутра. И самиот Заев е свесен дека популизмот редовно потоа се удира од глава, но тоа не е негова калкулација во моментов. Дури и ова „мало сутра“, колку и незграпно да делува, си има свој ефект. Преполниот „Марко Цепенков“ прсна од смеење. Тоа е доказ дека Заев сепак не јаде живи луѓе, та сите видовме дека никого не изеде. Напротив, со некои од тие што требаше да бидат изедени јадат на иста софра и пијат од иста стомна. И тоа се вика политика, колку и да врескаме. Јадењето живи луѓе делува како далечно ветување коешто не е остварено. Хм, токму оние кои најмногу го критикуваа јадењето живи луѓе сега се најразочарани затоа што Заев на крајот не ги изел тие живи луѓе, туку или ги амнестирал (за повисоки цели) или ги оставил да се влечкаат по судови и да им застарат делата.

СДСМ и на претходните локални избори, и на парламентарните во 2016-та имаше добри, свежи кампањи. Едноставни, лепливи за очи и уши, без многу паламудење и мрчење. И овојпат СДСМ ќе има добра кампања, а овојпат има и што да понуди.

СДСМ, истовремено, настапува и ранет на овие избори. Не испорача правда, баста! Катица им ги помати сметките. Партијата не го задоволи членството во доволна мерка (а ја знае ли некој мерката за доволност за членството да биде задоволено?!?) и не го испорача вториот дел од референдумското прашање т.е. делумно го испорача со влегувањето во НАТО. Штета што толку се фатија со сликање и зголемени очекувања, сега ќе можеа мирно да влезат во кампања и да се прошетат до победа. Испорачаа НАТО, и слобода. За тоа дали овие две работи ќе им бидат доволни на гласачите секогаш гладни за повеќе, во следната прилика.

Дали Заев ќе биде поддржан директно и отворено од странците? И од кои странци? Тешко е да се претпостави, тука играат разни калкулации. Од проценката на странците за тоа која партија води на анкетите до развојот на настаните во ЕУ до април. Сепак, нивниот долг кон Заев не е мал. Заев покажа неверојатна одлучност во испорачувањето на политичките задачи. Нарачателите не очекуваа таква експедитивност и останаа затечени. Македонија веќе не е романтична душа, место препознаено како „копча на светот“, кадешто апостол Павле пиел вода од бунари, а сирени се капеле на бреговите на Охридското езеро. Заев ни го одзема романтичниот дел и ја направи Македонија една територија во која сѐ уште мускулите си ги покажуваат разно-разни типови, но на крајот на денот ја направи едно небитно место на географската карта на Европа. Тоа е резултатот. А таков резултат некако и посакувавме, во моментите кога го гледавме дивеењето на толпата на 27-ми април, на пример. Или Диво Насеље, втор пример. На некој ќе му се допадне, некому не. За цената којашто ја плативме може да разговараме и преговараме. Оние на кои не им се допаѓа ќе врескаат уште некое време но уште долго време нема да можат да конституираат релевантна политичка енергија на темата романтизам, токму бидејќи Заев со неговиот дил-ориентид мајндсет им го одзема тоа. Таква е денес Македонија.

Проблемот кој не можеше да го предвиди Заев, а и не му беше грижа бидејќи комплетно беше фокусиран на испораката, е дека Македонија (и онаа романтичната и оваа пост-романтичната) во меѓувреме стана крајно цинична и девастирана со умови и кадри. Таа е сега празно поле кое треба да се ора. Цинизмот на македонските граѓани е најголемата опасност за СДСМ на овие избори.

СДСМ има уште еден проблем, кој непрестано го храни токму цинизмот на гласачите. Тоа се неговите некритички бранители заведени под рубриката „аналитичари, мислители, слободни стрелци, новинари и останати“. Кој точно го брани СДСМ денес? И дали на СДСМ му требаат тврди бранители кои штетно зујат наоколу и дополнително ги иритираат сите? Или пак му требаат интелигентни поединци кои знаат да развијат аргумент, да го бранат своето, а да свиткаат опаш кога е потребно? Изгледајте ја дебатата од минатата недела помеѓу Дане Талески и Илија Димовски на ТВ Телма, и ќе ви стане јасно за што зборувам. Потоа, посурфајте на ФБ и видете кој сѐ и со какви аргументи го брани СДСМ, и ќе ви стане јасно дека познатата „те молам не ме брани“ важи сега повеќе од било кога.

Би сакал да сум ној, кој ќе ја стави главата во песок, а телото ќе го остави да го клоцаат секакви неранимајковци. Телото трпи болка, главата не трпи глупости и бесмислици.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.