Вџашувачкото поведение на ВМРО-ДПМНЕ во легитимација на своите криминали и неверојатната опстојност во минирање на очајните обиди да се воспостави некаква правна држава, нѐ остава без здив, пишува Гордан Георгиев во својата најнова колумна за Дојче Веле на македонски јазик.
Во продолжение ја објавуваме целата колумна:
Дневната политика ни го заматува погледот да размислуваме во перспектива. Секојдневно сме опседнати со тактички прашања, а опасно ги занемаруваме стратешките погледи. Ако тоа важи за генералниот курс на државата и за луѓето на кои треба да им ја изнајмиме нашата доверба за да мислат на нас и за нас во наредните пет, десет, дваесет години, партиските стратегии се уште позагрижувачки, и длабоко потонати во сопственото непостоење.
Зоран Заев вели дека ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да почека уште 9 години и два месеци за евентуално да се надева да дојде на власт. Во ред. Оваа тактичка изјава, дадена како погонско гориво за последователната анкета на која води СДСМ, има некакво а може и да нема никакво значење. Бидејќи логичното потпрашање кое се поставува е што би правел СДСМ во наредните 9 години и два месеци, и како планира да владее. Преплавени со тактики и тактицизми, ние не успеваме да ги здогледаме стратегиите и стратагемите кои плачат да бидат здогледани. Кај бившото ВМРО-ДПМНЕ, кое повторно сака да стане сегашно или блиско-идно, стратегијата беше јасна, кохерентна, прецизна и фундирана со пари, ресурси и знаење. Подоцна ѝ го дознавме и името на таа стратегија: заробена држава и создавање на структурни услови за перпетуирачка власт на кликата.
Склеротична прошетка
Време е да бидеме сериозни и вистинољубиви. Денешното ВМРО-ДПМНЕ се однесува како склеротична баба со нова шминка и ново ленено фустанче, излезена на раноесенска променада во паркчето од нејзиното детство кое денес се претворило во депонија. Шетајќи така низ отпадот, бабата фантазмагорично ги мириса цвеќињата, седнува на клупата каде дедовците играат тонч и пие водичка од чешмата која веќе не е тука. И тоа трае и трае, сѐ додека не ја здогледа некој добронамерник и во ливчето на внатрешниот џеб од кошулата не го пронајде телефонскиот број и адресата на која живее изгубената баба. Такви склеротични прошетки ВМРО имаше во неколку наврати во минатото, од топло-ладно позицијата на Тодор Александров до војводата Љубчо и неговите казнени финансиско-политички чети. Склеротични не само поради тоа што забораваат на минатите грешки и гревови, туку и поради тоа што често се подготвени да ја запалат куќата во име на пеплосување на трагите од сопствените дејанија. Згора на сѐ, палењето најчесто им успевало. И не поминувале лошо, сума сумарум.
Настрана несмасноста на сегашнава власт да се справи со корупциите и криминалите, бивши сегашни и идни, очекуваното а секојпат вџашувачко поведение на ВМРО- ДПМНЕ во легитимација на своите криминали како и неверојатната опстојност во минирањето на очајните обиди да се воспостави некаква правна држава, нѐ остава без здив. Ах, каква моќна машинерија впрегната и упатена директно во ѕид.
Последниот пример со „преговорите“ околу законот на Јавното обвинителство го отсликува микро космосот во кој тумара опозицијата. Разбирам партиска лојалност, разбирам испреплетени лични и партиски судбини, разбирам склопени пријателства и чување грб, разбирам дури и финансиски перипетии и намирувања. Го имало тоа порано и во СДСМ, го има и сега. Ама оваа перверзија во која опозицијата ликува и долева на операцијата „(само)рушење на СЈО“, без разлика дали тие всушност се директни кумови на операцијата или не, никогаш нема да може да им биде простена. Сигурен сум дека таму има луѓе и кохерентни личности на кои сето ова им е крајно непријатно ама групата повикува на беспрекорна лојалност и таквата лојалност до непрепознатливост ги замаглува перспективите за иднината. Иза њих њихови, иза наших наши, то у исто вријеме радује и плаши – пишуваше Арсен Дедиќ немајќи идеја колку е секојдневно присутен во нашите животи.
Чекање во заседа
Како мислат да дојдат на власт со ваков став кон нештата, анахрон до бескрај и самоуништувачки во крајна линија. Пат кој води кон неколку слепи улички и една несомнена провалија. Слепите улички се помалку опасни иако на дневно ниво делуваат прилично токсично. Проблематизирањето на договорот со Грција и со Бугарија (иако и двата неповолни но веројатно неизбежни м.з.) е патриотската наметката на Мицковски за по дома. Овој изветвен пењоар е секогаш добар и за него секогаш има публика. Тоа дури и можеме да им го простиме, или барем да ги разбереме. Но терањето по стариот макадам на простување на криминалите и рушење на изнемоштената правна држава, како и крајната партизација на државата ги носи во директна провалија, сега и секогаш. Да, знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ има голем „минат труд“ и сѐ уште сериозен капацитет да ја одржува вмровската дип стејт во администрацијата. Знаеме и дека голем дел од сдсмовците им завидуваат на тоа. Но тоа „тоа“ е еден од најподмолните рушители на темелите на оваа држава.
Јасна ми е тактиката на ВМРО-ДПМНЕ. Соочени со релативниот пад на довербата на Владата, нивната единствена тактика е да чекаат во заседа и уште повеќе да го спуштаат рејтингот на власта, во надеж (донекаде оправдана) дека нивните членови, старите добри клиентелисти научени да јадат од раката на Пастирот, ќе се мобилизираат во доволен број и ќе имаат глас повеќе на избори. ВМРО-ДПМНЕ не очекува прелевање на гласовите или привлекување на неопределени гласачи на следните избори.
Бидејќи такви веќе и нема. Тие што беа ќе останат дома. Притоа, индолентноста на странците и нивното перење раце во врска со нивните довчерашни политички преференци исто така им оди во прилог до некаде. Во ВМРО си велат „леле колку лошо владее Заев, дај ние да си дојдеме на власт ама да не бидеме такви како Груевски сепак“. Тоа „сепак“ е проклето долг пат кој опозицијата секојдневно покажува дека не е подготвена да го изоди. Тие ги немаат ниту орудијата ниту нужните предиспозиции за такво владеење. Настрана некои релативно нови пратеници и функционери кои делуваат пристојно и кои биле на маргините во времињата кога дивееше груевизмот, во партијата се имплантирани (насадени) радикални елементи и врескачи кои се дојдени таму само заради нивното гласно врескање, а некои и богами и за да чуваат место и да го одржуваат пламенот на повампирениот груевизам. Таквите одеднаш разбудени спијачисе секогаш добра роба во една партија, тие добро поминуваат кај членството но потоа се главните рушители на партискиот систем од внатре.
Однапред киднапиран лидер
Христијан Мицкоски, еве ќе му веруваме на добрите иницијални намери, се чини дека нема ниту сила ниту структурни можности да го подобри или редизајнира таквиот систем полн со системски грешки. Уште од првиот ден од неговот лидерствување, здогледан себеси на премиерскиот престол, тој има јасен поглед за сопствената иднина и крајно замаглен за иднината на партијата којашто ја раководи. Штета за него. Бидејќи сите лоши примери му се пред очи и современик е на глупостите што ги правеше неговата влада. Фактурите и сметките уште сега се закачени на партискиот престол и тие нема туку така да исчезнат. Тој личи на однапред киднапиран лидер. А тоа не може да биде добар почеток ниту да навестува достоинствен крај. Со крајно ограничени ресурси, со неизбежна зависност од медиуми на кои им седи во скут и уредувачката политика која не може да ја контролира, со пари кои ги нема и кои во еден момент „одеднаш“ ќе дојдат, тој нема да може да владее самостојно. Слично важеше и за Заев, кој пак си има други скутови, почнувајќи од бомбите завршувајќи со а-ла Ѓинѓиќ предизборните пактови за да дојде на власт.
Чесно е да си го поставиме прашањето: дали е можно да опстои ВМРО-ДПМНЕ и да се редизајнира себеси притоа не реформирајќи ја својата суштина? Ако може, тогаш тешко нам. Ако не може, тогаш тешко ним. Средниот пат, за да не ни биде тешко ни нам ни ним, постои. Но одењето по тој пат подразбира жртва, самопрегор и одрекување од старите пријателства.
(Поднасловот на текстот е редакциски)