Какво европско поведение очекуваме ако цели две години немаме државен ревизор? Ова говори лошо за Владата и нејзината индолентност во транспарентно справување со ваквите важни камчиња на патот кон функционална држава, пишува Гордан Георгиев во новата колумна за Дојче веле.

Се чини дека октомври и ноември ќе бидат во знакот на прославите (скромни овојпат, во домашна атмосфера) на датумот за почеток на преговори. Залудно е сега да пишуваме дека рековме уште одамна дека Датумот е хелиум во балон, и кога ќе се дупне балонот хелиумот веќе не го носи нагоре, туку самиот се расплинува во масата воздух. И се доведува до непрепознатливост. Но, во ред. Владата ќе оди по нагорна линија во периодот што претстои и ќе се обиде да капитализира за недвосмислениот успех: членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Тоа е добра вест за граѓаните на републиката, како и да го свртиме. И тоа е директен кредит на оваа Влада на чело со премиерот Заев. Кредит на кој допрва ќе му ги видиме ратите и каматите. На оваа тема ќе имаме време да се навратиме во следниот период, со сиот ризик дека може да стане неподносливо досадна, особено кога келнерите ќе дојдат да ги соберат флекавите чаршафи и измастените чаши од теревенката.

„Здодевна” тема

Затоа пак, темата којашто никако не е здодевна, иако за нас лаиците има ужасно здодевно име, се вика „избор на директор на Државен завод за ревизија“. Ова важно, можеби најважно стручно, ако веќе не сосема независно тело (бидејќи сепак се бира во Собрание, иако мандатот на директорот е 9 години) веќе две години нема избрано раководно лице. Цели две години поминаа, а владејачкото мнозинство не успева да направи избор или барем да направи напор оваа тема да дојде на дневен ред. Денес, на три дена пред истекот на мандатот на постоечкиот Ве Де, паниката чука на врата. Две се можните објаснувања за ваквото поведение на владејачкото мнозинство: Владата нема посебен интерес да избере вакво тело (небрежност, незаинтересираност, неорганизираност) или неуспевање да направат политички пазар за личноста која треба тоа да биде. Третата наведена причина (ВМРО се виновни бидејќи блокираат во собраниската комисија за избори и именувања) не е сериозна, бидејќи произлегува од една од првите две причини. А тие се ужасни и неприфатливи, баш неколку дена пред големото славје за европска Македонија. Имено, независноста на контролните институции, особено оние кои се по дефиниција тесно-стручни, е едно од главните барања на ЕУ, а претставува и неизбежен услов за да можеме да кажеме дека една држава е функционалната демократија воопшто. И тука нема шега. Затоа, секоја шега која ја смислуваат (доколку воопшто нешто смислуваат), мораат добро да ја размислат пред да ја направат.

Какво европско поведение очекуваме ако 2 (и со букви: две) цели години немаме државен ревизор. Ова говори лошо за Владата и нејзината индолентност во транспарентно справување со ваквите важни камчиња на патот кон функционална држава. Здрави и отпорни независни институции се важното огледало за државата. Огледало низ кое не’ гледаат и оценуваат другите.

А токму тоа е ДЗР. Надгледувач на јавните пари, прецизна магнетна резонанца за здравјето на институциите и евентуалните канцерогени појави. Нивните извештаи отвараат можности и прозорци за погледнување во евентуални коруптивни процеси во институциите, немарност во раководењето на јавните финансии, незнаење како се водат јавните финансии или пак признание за добро водени јавни финансии. Ако веќе се согласуваме дека тоа се наши пари, зошто не би се согласиле контролата над раководењето со тие пари да ни ја надгледуваат најдобрите, најстручните, најсовесните, најмалку изложените на партиски влијанија… Најдобро за сите е да го стават процесот на тацна и заеднички да го изберат најдобриот кандидат. Бидејќи ќе се согласите, некако логично звучи за ваква опскурна за пошироката јавност институција да биде избран најдобриот и најпрофесионалниот кандидат.

Одбрана од авторитарност

Краткото паметење не помага овде. Нека се сетат тогашните опозиционери а сегашни владетели каков редок сноп светлина беше Државниот ревизор во Грујово време. Нека помислат како мафтавме со објективноста на ревизорските извештаи во јавност и колку беше важно сето тоа за да се оддржи пламенот на опозиционерството. И нека разберат дека независни институции се најдобра одбрана од авторитарни тенденции. Ова важи и за другите се’ уште неизбрани раководители на комисии, агенции и директори кои чекаат во преполната фиока на претседателот на комисијата за избори и именувања.

Од друга страна, нека се сетат сегашниве опозиционери дека сепак не успеаја да ја срушат таа институција (ДЗР) сиве овие години и патем нека бидат чесни да си приспомнат колку такви или слични други институции уништија или присвоија. За сега таквите независни институции никако да не можат да се дигнат од пепел и да мораме да аплаудираме како недоветни на еден нормален демократски и мерит базиран систем на избор за ДКСК, кои патем речено, изгледа дека опасно се лизнаа на банана во случајот со Ѓорге Иванов. Ама барем се лизнаа јавно, и ние можеме да судиме и да критикуваме и постојано да ги евалуираме. И да ги натераме да внимаваат во иднина.

Затоа, Илија Димовски да не пимпла на процедури, знаеме дека е искусен и дека тоа може да го прави до недоглед, туку нека овозможи простор за праведен и транспарентен избор на директор на ДЗР. Позиција на директор на ДЗР не е позиција на лефтерен и ротирачки претседател на ДКСК, и стручната ама и пошироката фела може јасно и прецизно да препознае квалитет наспроти партиски приврзок. И да го евалуира достојно тој квалитет. Бидејќи малкумина се во фелата и добро се познаваат меѓусебно. На крајот, не е проблем ако од некаков потесен избор на два-тројца објективно најдобри кандидати падне политичка одлука во коалицијата кој да биде директорот, а опозицијата да може да се пофали пред јавноста дека сепак помогнале во избор на личност со кредибилитет. Личност која ним повеќе ќе им користи отколку на власта. Знам, сето ова може по малку да потсетува на консензуалниот избор на Катица, но тврдам дека во случајов не е и не може да биде така.

Талат Џафери е тука широк, игра широко и така треба, без разлика дали е мотивиран од мотивацијата на ДУИ да се избере нивниот кандидат. А Албанец мора ли да е? Пак ли за пазар зборуваме? Другарчиња, тука нема и навистина не смее да има ниту етничка ниту колач политика. Или ќе функционира оваа институција како што треба или ќе се обезличи и крајно партизира ако добие за директор експлицитен партиски кандидат, и тоа како плод на јавен пазар помеѓу партиите, веќе прикажан на телевизија. Тоа навистина би било срамно, и би покажало колку и оваа власт не може да излезе од калливите чевли за кои не’ убедуваат дека се лакирани салонки. Затоа, нека се присобере владејачкото мнозинство, нека го отвори процесот на избор до крај, па да мериме и да премеруваме.

П.С. Што е со пописот? Ќе има или ќе нема во април 2020? Нека трепка тука прашањево уште некое време…

П.С.1 Последните (барем) два ФБ статуса на Никола Груевски некој друг му ги пишувал. Не само заради надалеку прочуените скромни лингвистички, вербалистички и образовни капацитети на докторот на науки заминат на сабатикал во Будимпешта, туку и заради структурата на мислата, структурата на текстот и нископојасноста на ударите. Никола пак станува опасен, не иронизирам.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.