Афера „Големото око“ или „голема паника“ од поразот кој ги очекува, се двата спротивставени ставови на кои цврстo стојат и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во однос на апликацијата за мобилни телефони за која опозицијата веќе трет ден обвинува дека владејачката партија ја користи за складирање лични податоци на граѓаните.
Материјалите и доказите за ова кои ги собрале од штабот на Гордана Силјановска Давкова, се предадени и во обвинителството од каде велат дека се распоредени кај надлежен обвинител од ОЈО Скопје и се постапува по нив.
Горан Момировски од штабот на Силјановска денеска бил на разговор со обвинителот, а од пред зградата на оваа институција повикувајќи се на снимки од Твитер, тој обвини и дека се менувале хард дискови во СДСМ.
– Вчеравечер бевме сведоци на пренос во живо на социјалната мрежа Твитер како се менуваат хард дисковите во серверот на СДСМ за кои што постојат сериозни индикации дека складира лични податоци на граѓани, кои што се преземени со апликацијата „Избори 2019 година“, подготвена од Социјалдемократскиот сојуз – рече Момировски.
Тој вели дека е неверојатно како институциите досега, по допрен глас не го одзеле серверот за да проверат, а индиректно тој го поврза ова и со хакерскиот напад над ДИК.
– Да потсетам само дека не е направена ниту форензичка истрага за хакерскиот упад во Државната изборна комисија кој се случува во истиот период кога СДСМ ја покренува апликацијата „Избори 2019 година“ и тоа пред 15-тина дена. Според нашите информации, сѐ уште МВР не утврдило како се случил тој напад, дали има поврзаност со апликацијата на СДСМ. Уште една работа да потсетам лицето кое што во 2016-та година било претставник на СДСМ во комисијата во ДИК која што ги прочистувала изборните списоци и имала пристап до целата евиденција и матичните броеви на граѓаните е автор на апликацијата при која што СДСМ собирала и прибирала информации од граѓаните и ги пренесувала на серверот на СДСМ – посочи Момировски.
Од власта пак, за ова денеска се огласија и лидерот на социјалдемократите, Зоран Заев, како и партискиот портпарол и пратеник, Костадин Костадинов. Двајцата посочија дека станува збор за пракса која е преземена од сестринските партии од Шведска.
Заев рече дека станува збор за грубо обвинување со цел да се сврти вниманието од поразот кој ја очекува опозицијата.
– Како и да е, кликнете на веб страната на ДИК, имате пристап до Избирачкиот список, каде што се видливи податоците, согласно законот и во самата апликација тоа е дозволено и апсолутно верувам дека сето тоа што се прави е строго стопроцентно согласно законите во нашата земја и никако не задира во личните податоци на граѓаните, ниту ги копира и секако претставува нешто, што многу европски земји веќе со децении го користат – нагласи тој.
Костадинов, пак, вели дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ се смешни и оти ова е уште еден обид за ширење лажни вести.
– Јас сосема ја разбирам паниката во штабот на Гордана Силјановска и на Христијан Мицкоски. Би кажал дека добро позната пракса за ВМРО-ДПМНЕ е кога ќе се најде во тесно да се служи со лажни вести. Искрено, мене и на пошироката јавност тоа ни изгледа смешно, не станува збор за никакво собирање информации и фотографии од телефоните на граѓаните. Напротив, Социјалдемократскиот сојуз се модернизира, имаме современи начини на комуникација и овој систем се однесува само на нашите партиски активисти – вели Костадинов.
Апликацијата „Избори 2019“ е сѐ уште достапна во „Google play“. Уште кога ќе ја најдете апликацијата во интернет-продавницата јасно се гледа дека е поврзана со СДСМ, а дека се користи за потреби на оваа партија се забележува уште при нејзиното прво отворање. По отворањето, апликацијата нуди две можности, едната е за регистрирани корисници – најверојатно партиските активисти, а другата опција е „Продолжи кон СДСМ“ која кога ќе се одбере корисникот го носи на официјалниот партиски веб-сајт каде се објавуваат активностите во рамки на кампањата.
Го прашавме Костадинов, за што конкретно се користи апликацијата, но тој не сакаше да посочи потенцирајќи дека ја користат само партиските активисти.
Поранешната пратеничка од СДСМ, Лидија Димова, пред два дена во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 ТВ зборуваше дека со вакви апликации имала лично искуство во Шведска.
– Во 2014 бев во Шведска да ги следиме изборите. Станува збор за проста апликација. Одите од врата на врата, ја имате апликацијата во телефонот, ја кажувате вашата програма и го прашувате граѓанинот дали сака да стане член на вашата партија и ако покаже дека е заинтересиран, тогаш му ја доставувате апликацијата, а тој ги пополнува податоците. Мора да сме свесни дека во оваа држава има закони за заштита на лични податоци кон кои мора да се придржуваме. Второ, од тоа што чувме на телевизија, матични броеви се прибирале, вие сте на власт, зошто би ви требала апликацијата? – рече Димова.
Покрај за зачленувањето за кое зборува Димова, вакви апликации, според информациите до кои дојдовме, во развиените земји партиски активисти користат и за други цели, како што е, мерењето на рејтингот и теренското прибирање оценки од граѓаните за функционерите.