Големите сили и правдата на малите

1071

„Веќе бев мошне јасен дека околу независното шведско правосудство не може да се преговара“, изјави за медиумите шведскиот премиер Стефан Ловен, одговарајќи на критиката од американскиот претседател Трамп, кој неодамна рече дека бил многу разочарен бидејќи премиерот Ловен не можел да се заложи за американската ѕвезда, раперот АСАП Роки, да биде пуштен од шведски притвор.

Трамп претходно дури се понуди лично да плати гаранција за привремено пуштање на слобода на АСАП Роки, иако таква мерка воопшто не се применува во шведскиот правен систем. Притисоци беа упатени и преку шведската амбасадорка во САД, која беше принудена поради овој случај да го прекине одморот, а во Вашингтон разговарала со неколкумина конгресмени кои оспорувајќи го притворањето на популарниот хип-хоп артист ѝ оставиле впечаток како да сакаат да го „аплицираат американскиот правен систем врз шведскиот систем“.

30-годишен американски рапер, беше уапсен во Шведска на 3 јули со својот телохранител и две лица од придружбата за улична тепачка. Неговото апсење привлече големо внимание на светската јавност, како и неговото пуштање од притворот во кој помина месец дена, по што шведскиот обвинител одговорен за случајот рече дека за време на истрагата не разговарал со претставници на Белата куќа, ниту пак со претставници на шведската влада.

Доналд Трамп сепак не остана само на одговорот на премиерот Ловен, дека Шведска е домократија која се темели врз владеење на правото, и на судењето во Стокхолм го испрати својот специјален пратеник за заложнички прашања, додека од другата страна на Атлантикот во американските медиуми се појавија критики против шведската правна држава за расизам и неправеден третман на светски познатиот црн рапер.

Но прашање е дали имаше потреба од толкав ангажман од страна на Трамп, имајќи предвид дека функционирањето на шведските затвори, и воопшто на шведското правосудтво, се редовно меѓу највисоко рангираните во светски рамки.

Се слушнаа низа критики во Шведска дека претседателот на најмоќната светска сила би го прекршил уставот доколку би се обидел да се замеша во некој тековен судски процес во својата земја. Трамп, всушност, упатувајќи критики кон Шведска сакаше да се покаже во светлина на поддржувач на правата и статусот на „бројната заедница на Афроамериканците во САД“, борејќи се за нивни гласови на наредните претседателски избори, имајќи предвид дека неговиот рејтинг во редовите на спомената заедница не е баш на завидно ниво по серијата негови изјави и објави на Твитер во последно време, кои дел од водечките американски весници ги оценија како расистички. Како и многупати досега, Трамп не покажува премногу грижа околу изборот на средствата за постигнување на своите цели.

Овојпат на мета му се најде малата Шведска, во пресметките поврзани со неговата изборна математика, иако не е познато дека тој некогаш воопшто јавно се изјаснувал околу некој одделен судски процес. Во Трамповата политичка сценографија, каде што застанува на страната на црниот човек, и неговата мајка, тој е херој, но интригата е исто толку провидна колку што е и претерана. Но, нас американскиот претседател му успеа да ја поттикне светската јавност барем да се запраша дали едно обично судење за тепачка во општинскиот суд во Стокхолм вусшност е некаква заложничка драма, со можни сериозни политички импликации.

Во секој случај, шведскиот премиер, без оглед на сите притисоци, со задоволство можеше да констатира дека е горд оти неговата „мала земја“, – како што, впрочем, Швеѓаните често ја нарекуваат својата земја кога зборуваат за нејзиното место и улога во меѓународните односи, – има правен систем во кој премиерот не може да врши влијание врз некој судски предмет.

И во Македонија, без оглед што просторот за некакви конкретни споредби во овој контекст е мошне стеснет и несоодветен, во најшироката јавност функционира репертоар на изрази со кој мошне сликовиот се одредува маленкоста на земјата, како „мало државче“, „нашата мала земјичка“, „точка на светската карта“. Но со таа разлика што македонското правосудство е мошне растеглива категорија, неретко изложена на преговори и влијанија во зависност од дневно-политичките потреби. И покрај силните декларативни заложби за еднаквост пред судовите, многу нешта се видени во Македонија што не дозволуваат да профункционира владеење на правото. Раширената негативна перцепција меѓу македонските граѓани околу дострелите на правосудството се доволно јасна потврда за таквите сфаќања.

Вклучувајќи го, се разбира, и континуираното влијание на светските моќници, кои редовно во ударните термини на медиумите ги изнесуваат своите препораки, онаму каде што македонскиот правен систем наидува на тврд ѕид и блокада. Тоа веќе со години наназад звучи познато: „0Поддржуваме целосна, детална и транспарентна истрага“, како што деновиве изјави Метју Палмер, заменик-помошникот државен секретар на САД, коментирајќи ја истрагата за специјалната обвинителка Катица Јанева. „Ние ги поодржуваме и охрабруваме институциите на Севрна Македонија“, рече Палмер по разговорите со државниот врв.

Што се однесува до нордиските земји, тие се постојано во врвот на светските рангирања пред се кога станува збор за довербата во институциите. Довербата и унапредувањето на културата за водење толерантна политичка дебата, всушност, само по себе не ја создало државата на благосотојба според скандинавски модел, но таква држава би била невозможна без доверба во институциите на системот.

Во крајна линија довербата значи дека граѓаните се чувствуваат и стануваат посигурни, а социјалните односи во оштеството стануваат порелаксирани и поедноставни. Но таквиот развопј подразбира водење добра политика. Довербата, и тоа не само во политичките лидери, може да се намалува во одредени периоди, но не смее целосно да згасне. Последиците во таков случај се разурнувачки во однос на функционирањето на општеството.

Чувството на обичниот граѓанин, и неговата доверба во општеството во кое живее, и спрема сите оние што влијаат на неговиот секојдневен живот, најдобро се изразува со едноставната равенка – моите можности се исто толку големи како и твоите.

Доколку, се разбира, се посакува градње на заедничко општество.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...