Големите мали идеи

Цврсто сум решен со моќта на јавната реч, секогаш кога е тоа можно, да ги мотивираме нашите политичари и сите други луѓе задолжени за креирање јавни политики, да се разбудат од летаргијата, енергично да го отфрлат пристапот „нема“ и „не може“ и со своето поведение да демонстрираат лидерство и одговорност.

4041

Останувам убеден дека ако не сме способни да ја замислиме Македонија како земја со највисоки европски стандарди на живеење, ние правиме една фатална дистанца меѓу себе и нашата општественост. Таа дистанца ја потенцира хроничната слабост на оваа нација – недостигот на самопочит и на самодоверба. Ние сме некреативни, неинвентивни и неспособни само затоа што таква е нашата проекција за нас самите.

И затоа, цврсто сум решен со моќта на јавната реч, секогаш кога е тоа можно, да ги мотивираме нашите политичари и сите други луѓе задолжени за креирање јавни политики, да се разбудат од летаргијата, енергично да го отфрлат пристапот „нема“ и „не може“ и со своето поведение да демонстрираат лидерство и одговорност. А тие тоа го можат, зашто да се придвижат нештата, навистина човек не мора да е Ајнштајн.

„Големите идеи потекнуваат од мускулите“, вели Томас Алва Едисон. Тоа е човекот што ги измисли електричната светилка и уште илјада други мали корисни пронајдоци. Вербата во моќта на контемплацијата не ми дозволува сосема да се согласам со Едисон, но не може да не се признае дека историјата ја потврдува неговата теза. Повеќето големи идеи и пронајдоци навистина се едноставни и практични одговори на дилемите што ги поставува животот. До тие одговори се доаѓа по многу неуспешни обиди, со многу напорна работа, баш „на мускули“.

Понекогаш и напорната работа не е неопходен услов да се дојде до вистинските одговори за проблемите што нѐ мачат. Доволно е да се сфати дека некој веќе измислил топла вода. Понекогаш дури не се потребни ни посебни вложувања, дури ни посебни фондови. Само треба повеќе да се чита, да се размислува и најважно од сѐ – да се поттикнат луѓето да ги разменуваат своите големи мали идеи.

Еден мудар човек вели: „Ако јас имам јаболко и ти имаш јаболко, па ги размениме, секој од нас ќе има по едно јаболко, но ако размениме по една идеја – секој од нас ќе има две идеи”. Кога се состануваат, идеите се множат. Кога се поддржуваат, тие го менуваат нашиот живот.

За жал, луѓето кај нас сѐ уште не им дозволуваат на идеите да се сретнат. Им се потсмеваат и не ги поддржуваат. Ги отфрлаат од разни причини, а главно поради погрешното убедување дека оваа земја може да се извлече од апатијата само со „крадење“ туѓи (странски) пари и туѓа иднина.

Како и да е, „Слободен печат“ повторно презентира една старо-нова идеја, со чија примена, без денар буџетски пари, може значително да се намали загадувањето на Скопје и на другите градови во Македонија. Ова под претпоставка дека загревањето на индивидуалните домови со огревно дрво е еден од посериозните фактор за загадувањето на воздухот. Лесно може да се најдат стручно потврдени податоци дека горењето на сировото огревно дрво ослободува до 30 пати – не 30 отсто, туку 30 пати! – повеќе чад, одошто сувото дрво. За мене и за многумина од вас, тоа веројатно е нов податок. Токму како и податокот дека сувото огревно дрво обезбедува 20 отсто повеќе топлина од сировото.

Од разни причини, во Македонија, како и во регионот, луѓето се навикнати да користат сирово дрво. Време е власта да ја забрани употребата на сирово огревно дрво и истовремено, ако е потребно, да ја стимулира употребата на суво огревно дрво. Да, да, толку е едноставно. Се разбира, сето тоа „си повлеквит“ еден дополнителен напор на власта да утврди политика, режим на користење и методи на контрола.

Знам дека на некои наши големи „филозофи“ со вакви „ситници“ им ја убивам „големата слика“ и дека ќе речат дека од дрвата не ја гледам шумата (Маркс). Но, тоа е… Ако не сакаме да се задушпиме, време е на секој што се замислува дека генијот што ја открил теоријата на релативитетот, да му се каже – друже Ајнштајн, јас сум за тебе Цвајштајн!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...