Господине Спасовски, вие, можеби, верувате дека вашата министерска фотеља е доволна цена за мојот џип. Тоа е, признавам, солидна противвредност, но, сепак, сакам да ве уверам, далеку е под нивото на автомобилот и, особено, под нивото на борбата во која карот падна како жртва.
Дозволете да ве потсетам дека „Ренџот“ е запален со маслото на истакнати луѓе од Министерството за внатрешни работи, дека чкорчињата ги фрлија аутсорсинг бандитите на Министерството и дека идејна логистика на целата операција беше екипа која беше на директна линија со Министерството.
Имињата ги знаат и јапонските туристи што по улицата Македонија ги слушаат македонските преваранти маскирани во туристички водичи. И вие ги знаете, но еве ви ги уште еднаш: Сашо, Митко, Миленко, Тони, Кољо, Нинџа…
Мило ќе ми биде ако вие и вашето ценето Министерство, присуствувате на одбележувањето на тригодишнината на палежот, на паркингот меѓу кафеаната „Златна вилушка“ и хотелот „Русија“, на 13 мај 2018. Камери не мора да ангажирате, ги има по бандерите, истите што го имаат регистрирано и злото од пред три години. И депонирано во вашите архиви.
Прием и изрази на сочувство во “Златна вилушка” од 13 часот.
Благодарам на вниманието.
Со почит.
Бранко Тричковски
Скопје, 05.04.2018