Години на опасно живеење

4147

Целата неодговорна и опасна реторика за делење на политичарите и јавно ангажираните интелектуалци, па дури и обичните граѓани или членови на цели општествени и политички формации, на „предавници“ и „патриоти“, на која со години инсистираат највисоките и сите други ешалони на македонските националисти, мора итно и неодложно да престане!

Во репертоарот на политички дисквалификации и навреди, доколку веќе се инсистира на тоа, има доволно понижувачки и омаловажувачки квалификативи – на пример: лажго, глупав, прост и сл. – кои се доволно непријатни, но далеку побезопасни, отколку некого, од сопствената позиција на „патриот“, да го оквалификувате како „предавник“.

Бидејќи, дури и прашањето за тоа дали некој ја говори вистината (лажго!) или дали е доволно квалификуван, образован или воспитан за водење на одредена расправа (глупав!; прост!; и сл.) е подложно на одредена аргументација и „натпревар“ во докажување на спротивставените ставови. Но, суштината на обвинувањето за национално или идеолошко „предавство“ е дефинитивна, маневарскиот простор за водење на таквите расправи ги буди најниските страсти кај оној кој обвинува и ги активира основните одбранбени инстинкти кај оној кој е обвинет, а тоа не дозволува разумна размена на мислења и аргументи. Од таквото обвинување, до отворената закана по сигурноста и здравјето на опонентите, па дури и на членови на нивните семејства, дистанцата е молскавична, тоа речиси „природно“ води од зборови и закани, кон физичко насилство.

Во цивилизирани, правни држави, во кои нивото на политичката култура не се влече по земја, кога доаѓа до такви ситуации, сами од себе се активираат механизмите на правната и полициската заштита, по службена должност.

Во Македонија поминаа многу години на неказниво ширење на говор на омраза, на распишување јавни, персонализирани потерници по неистомисленици и на отворени закани по животот и здравјето на политичките противници, па на тоа некако сите навикнавме, го третираме како дел од домашниот политички фолклор, како неизбежна стилска фигура при ширењето на масовни политички хистерии. Кога тоа се прави на социјалните мрежи на интернет, најчесто и анонимно или под измислени идентитети, речиси го прифаќаме и за нормално однесување. Паметните секогаш им попуштаат на будалите, оти на будала, колку и да се трудите, не можете да му докажете дека е будала.

Таа општа ескалација во политичкиот речник – повторувам, кај нас особено карактеристична за оние со изразени националистички и шовинистички ставови – деновиве доживува опасен процут. Како тоа, прашувам, може некој да ви се јави од „непознат број“ и да ви се заканува по вашата и сигурноста на вашето семејство? Па, нема „непознат број“ за органите на правниот прогон: секој телефонски број во Македонија (а и интернет адресите, меѓу другото) е заведен на конкретно име и презиме, се знае кој е неговиот сопственик. На полицијата ѝ требаат не повеќе од ДЕСЕТ МИНУТИ за да констатира кој, точно, стои зад „анонимната“ закана!

За таквите заканувачи препорачувам апсења во раните утрински часови, со присуство на полициски камери и јавна објава на нивниот идентитет. Потоа треба да следува веднаш законски притвор и брзи судски процеси, со изрекување на највисоките законски затворски казни за предизвикување загроза на личната и општа безбедност.

Само така ќе се спречи опасноста од тоа некој да помисли дека Македонија е погодно место за „политички“ атентати, врз основа на нечија „патриотска“ проценка за тоа дали е некој друг „предавник“. Оти, ако не се направи тоа, тогаш група од вакви криминализирани будали ќе помислат дека можат да упаднат во Собранието и со насилство да ја сменат легално избраната власт во државата. А една друга група на нивни политички спонзори и инспиратори, не помалку криминализирани во своите идеи и постапки, ќе помислат дека за насилниците мoже да се бара општа и итна амнестија, и тоа со високопарна политичка агенда за уцена на прогресивната иднина на целата нација.

Според тоа, не гледам дека има потреба од дополнителни елаборации: ако има закани, веднаш апсење! Направете им го заканувањето високо неисплатлива политичка практика.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...