Во моментот кога се создава овој текст се наоѓам во хоризонтална положба, малиот мој игра пасионирано на таблет, а јас ги испишувам овие зборови, го гледам како весело (или возбудено?) тропка со прстињата и ножињата, ме погледнува задоволно, испукувајќи: I kill the bastard! Неговиот крик во мене создава немир, од една страна свесен сум дека на крајот од секоја година се „подвлекува црта“ за да се види што се направило, а што не, а можеше, требаше, и мораше; од друга страна, приказната за граѓаните на оваа земја директно или индиректно зависaт од одлуките на политичарите, што ми дава за право да мислам дека мојот немир е оправдан и конкретизиран.
Според карактерот на мојата работа, јас оваа година пишував, читав и „артикулирав“; дали тоа го работам добро, за тоа ќе кажат читателите, а оние според карактерот на својата работа – политичарите, некако најмногу сакаат самите да си ги проценат своите постигнувања и цели: кога човек ги слуша, добива впечаток дека направиле завидни резултати, а ако тоа граѓаните не го приметуваат, тогаш мора нешто со нив да не е во ред. Со граѓаните, имено. А, ако пак нешто не беше во ред, за тоа се виновни „објективните околности“, злобниот свет, недобронамерните медиуми, лошата интелигенција… Ако не беа сите овие „непотребни“ и меланхолични вознемирувања, во Македонија ќе течеше мед и млеко. Всушност, ќе биде подобро следната година, ќе биде подобро на следните избори, избори, и избори. Потреба која, нели, не се доведува под прашање?
До некаде сѐ е тоа убаво, и симпатично ако се работи за некои други луѓе, меѓутоа кога оваа општополитичка состојба ќе ја конкретизираме со приказната за Македонија, во годината која пред малку измина, тогаш онаа озарена насмевка на лицето ќе исчезне.
Годината две илјади и осумнаесеттта – ако го тргнеме настрана договорот од Преспа – се работи за чисто политичко преживување, се работи за едно агонично провлекување низ една „критична година“ во релативно хаотичниот состав на владата на Заев, и така најверојатно ќе биде до следните претседателски избори во 2019 година, дури и кога тие би се одржале порано, надвор од предвидените законски рокови. Во таа смисла – барем кога се изборите во прашање – владата ја очекува целосен успех, не затоа што е брилијантна во своите „системски реформи“, туку напротив, опозицијата на Мицкоски е потполно пробушена, бесмислена, без никаква конкретна програма и идеја, без некои особено угледни луѓе во неа; опозицијата денес делува како фолклорно пејачко друштво, отколку на опозиција која ќе биде алтернатива на владата на Заев. Дали е тоа успех? Од позиција на јавен интерес, ова прашање е потполно ирелевантно, дури е и вредносно неутрално прашање.
Секоја власт се проценува според тоа колку направила, а не колку траела.
Без разлика колку се напрегнува владата, без разлика како ќе „спинува“ дека во земјава сѐ е во најдобар ред и во пркос на некои непредвидени потешкоти на кои работи (како да е прашање на дефект во трафо-станица), владата на Заев ќе биде втерана во ќорсокак, и не затоа што сите тоа го гледаат – настрана фамозната амнестија и бегството на Груевски – туку не може кутрата да поверува дека сите тоа го гледаат само таа тоа не го гледа, па сепак ја продолжува страта приказна: „нашата политика е исправна, единствена можна и нема ништо да менуваме“, или „нашата девиза е Европа, солидарност, економски просперитет“, и на тоа слично.
Премиерот Заев терцира, вицепремиерот Анѓушев го следи, а позади нив аплаудираат сите возможни министри, функционери, пратеници, шефчиња, штрафчиња… Важно е само да се одржуваме во „формациски состав“ до изборите, а потоа ќе видиме. Практично, тоа е целата приказна.
На другата страна на политичката сцена се појави прилично интересен млад човек, стопанственик и градоначалник, погодувате, се работи за Митко Јанчев. Што е тоа што јас го гледам непосредно: прво, неговиот светоглед е модерен, европски, брз, што во политиката претставува добра стартна позиција; Кавадарци денес е град во кој сите политички чинители се сложни и работат на јавниот интерес: благодет и продуктивност за граѓаните. Тука нема ништо лажно, демагошки или јуришнички. Кавадарци денес е град со нова енергија: исчистено од сите „идеолошки“ кавги, меѓучовечките односи се на повисоко, подобро ниво. Да ви кажам еден детаљ: што е тоа што прави еден град, односно кои се елементите кои го прават градот да биде град во вистинска смисла на зборот? Градска библиотека, театар, книжара, кино, градски базен, зимско лизгалиште. Овие работи се најважните пропратни елементи за еден град, и се разбира: задоволни граѓани. Кавадарци денес е град во кој ако не среќно, сигурен сум дека се живее задоволно. Тоа ќе ви го каже речиси секој еден честит човек кој има некоја објективна резонанца.
Да, Кавадарци е градот во кој сакам да живеам. Кавадарци е град што во голема мера денес го идентификува мојот граѓански идентитет: град во кој живее и расте мојот син. И град во кој живее мојата љубена. Град во кој може да се живее, мисли и пишува слободно. А тоа не е малку, тоа е сѐ во една човечка егзистенција.
Сѐ на сѐ, да се подвлече денес црта во Македонија 2019 година – а Македонија не е Кавадарци – не е весела работа. Ако имаше некои важни успеси, тие повеќе беа насочени кон избегнување на катаклизмични конфликти (предизвикани од насилните демагози од кои е сочинета нашата „јавна“ и „политичка“ сцена), отколку во работа на конкретни постигнувања на патот на Македонија како европска и модерна држава. Тоа, веројатно, се пренесува и како задача за следната година, и нема да биде страшно ако тоа би значело нова политика, прилагодена на реалноста, а не со класични реторички тртлања.
Ако не биде така, тогаш за Македонија нова година нема да има: единствено старата и промашена година ќе има ново име.