Глупавите балкански националисти

3077

Хистеријата и насилствата на грчките националисти што се одвиваат деновиве по улиците на Атина, во македонските медиуми блиски до македонската националистичка кауза се пренесуваат со ентузијазам, сметководителска педантност и голема грижа да не се пропушти ни едно запалено македонско знаме, ни една навредлива шовинистичка парола, ни еден маргинален политичар (покрај оние кои тоа не се) кој има најфантастични мегали-идеи или нешто да изјави против нашата држава и нација.

Чудна е таа национал-македонска загриженост за тоа дали грчката опозиција ќе успее да ја сруши грчката влада, макар и со сила, врз антимакедонска основа. Не знам како, но за целиот спектар на нашиве националисти (од ВМРО-ДПМНЕ, до Левица – исто како и во Грција: од Нова Демократија, до тамошната Комунистичка партија) колку повеќе ќе докажат дека Грците нè мразат, тоа, некако, ја поништува вредноста на Преспанскиот договор?! Оти, нивната логика е дека ние со Грците треба да живееме во нормална состојба на обострана и неизлечива омраза – со годишно-одморски летни паузи и викенди за шопинг во Солун – од што произлегува дека Преспанскиот договор е вештачка творба со која таа омраза историски се фалсификува со „наметната“ перспектива за пријателство. Во тоа се состои меритумот на предавството на владите на Ципрас и Заев!

Се поставува прашање зошто Бачев, Тодор Петров или некој од врвот на ВМРО-ДПМНЕ не отиде деновиве во Грција во знак на макар и симболичка поддршка за своите колеги, грчките националисти? По пат ќе застанат да се прекрстат и да запалат по една свеќа во некоја грчка црква за Господ да им помогне во намерите, а во Атина би можеле да потпишат меморандум за соработка со некоја од тамошните антимакедонски партии или невладини организации, за откако преку ден заедно ќе го опсервираат учинокот на молотовите коктели врз ѕидовите на Грчкиот парламент и квалитетот на солзавецот на грчката полиција, вечерта малку да се подружат и да се опуштат со сиртаки, рипче, ракче, маслинки и сарми од лозов лист. Таман ќе ја договорат и возвратната посета на Скопје, можеби следниот пат кога овде ќе се упаѓа во Собранието.

Колку се глупави балканскиве националисти. Еден прдеж од географија населен со по едвај неколку милиони различни нации, чијшто националистички сон е да докажат кој е најстар на светот, кој кого повеќе би го навредил и кој кому му ја краде „културата“, конструктот од националистичката историја и „идентитетот“. Како тие да одбрале каде ќе се родат, за што се особено горди.

И не знам како ќе се опорават од овој пораз? Ќе завршат гласањата, меѓународните документи ќе влезат во сила, името Македонија ќе остане осквернавено и за грчките и за македонските националисти. И, сега, што?

Ништо. Извесно време ќе раскажуваат прикаски за тоа кој е виновен, ќе гуслаат тажни патриотски кукумјавки, ќе колнат во стихови и во проза и ќе лажат наоколу дека кога тие ќе дојдат на власт друга песна ќе се пее!

Нема. Ќе се пее истата песна, по истите ноти. Џабе лажги со долги опашки.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...