Со оглед на тоа дека загадувањето со пластика се влошува, многу луѓе и држави се обидуваат да се борат против тоа, чекор по чекор. Од Африка до Јужна Америка, локалните напори за собирање и уништување на пластиката прават мал, но, сепак, сè поголем ефект – јави Гласот на Америка – Вашингтон.
Во Габон, војска доброволци се состанува на секои две недели за да ги исчисти плажите на Либрвил. „Мрежа“ е хуманитарна организација за животна средина и развој, составена од триста луѓе кои сакаат плажите на Либрвил да станат туристичка дестинација.
-Имаме многу волонтери, сите заедно работиме, никому ништо не плаќаме. Ние сме невладина организација, немаме средства. Кога постои некаква можност за плаѓање, им даваме барем 170 долари и организираме мал натпревар за да ги мотивираме доброволците, но и оние кои ни се придружуваат, објасни за Гласот на Америка Еду Хаф од организацијата Мрежа за животна средина и развој на Габон.
Сега отпадот се носи на депонија, но првиот човек на оваа организација Еду Хаф работи на тоа да се почне рециклирање, а не само ѓубрето да се отстрани од плажите.
-Соработуваме со компании што собираат отпад за да го отстраниме и сакаме да се посветиме на рециклирање на пластичниот отпад, што е добра можност за нас. Ние бараме партнери за тоа, па да почнеме со рециклирање во наредните два – три месеци, рече тој.
Пластичниот отпад стасува дури до ненаселените острови Галапагос крај брегот на Еквадор. Помеѓу корморани и морски лавови, волонтерите доаѓаат на овие острови за да соберат дел од речиси три милиони тони ѓубре што секоја година се фрла во океанот.
Меѓу нив е и доброволката Шарлин, кој предупредува на страдањата на многу животни.
-Толку многу отпад е фрлен во морето и сега дојде до брегот каде што нема ни луѓе, туку има ѓубре. Ужасно е да се видат мртви животни, гнезда на птици заедно со ѓубрето, вели Шарлин.
Во Нигерија, компанијата Висајклерс (Wecyclers) спречува пластиката да стигне до океанот. Од жителите на градот Лагос го собираат пластичниот отпад, давајќи им купони што можат во локалните продавници да ги заменат за пари, храна или предмети за домаќинството.
Биликис Адебаџи Абиола, претставник на таа организација, смета дека тоа е работата на иднината.
-Многу луѓе тука прават пластичен отпад. Со текот на годините, додека се развива државата, ние ќе продолжиме, а и нашата потреба од пластика. Ние во Висајклерс се надеваме дека еден ден ќе имаме кружна економија, каде што отпадот се рециклира и се користи за ново пакување, вели Абиола.
Секоја година светот произведува триста милиони тони пластика, проблем што нема да исчезне илјадници години. Волонтерите се обидуваат малку да помогнат.