Глигоров: ЕУ ќе помогне да ги информира сите дека нема северни Македонци

Називот на државата не е дел од идентитетот. Беше да кажеме СРМ, сега е Северна Македонија, тоа беше уставна одредница, ова е географска, ќе има потреба дипломатски да се инстистира сите да разберат дека ова е географија. Македонија е политика и култура, јас мислам дека ЕУ ќе помогне во тоа да ги информира сите оти не постојат северни Македонци, туку само Македонци, бидејќи нема други Македонци и нема друга македонска држава, тоа е македонска држава, вели економистот.

2945

Договорот за решавање на спорот со името е добар како за Македонија така и за Грција. Грција симна една опсесија која за неа е целосно непотребна, од друга страна за Македонија е важно дека не се менува идентитетот на државата, изјави во интервју за МИА Владимир Глигоров, економист во Виенскиот економски институт.

– За Македонија е важно не толку да се каже дека сегашната македонска држава не е држава на цела територија на Македонија, ниту може да има претензии, туку дека тоа никогаш не било претензија на оваа македонска држава. Од друга страна тоа е македонска држава и по јазик и по народ, значи не се менува идентитетот на државата, се специфицира територијалната екстензија на државата што е една отстапка, едно разбирање дека тоа го иритира соседството, пред се, Грција или Бугарија, се кажува ние сме државата на таа територија. Македонија од античко е територија колкава толкава, ние сме тука со јазик со историја со култура и со право на држава, ние сме Македонци, тоа е максимум што може да се бара во меѓународните односи. Друго е ако си сам некаде на некоја планета па можеш сам да одредуваш и да не водиш сметка за никој друг околу себе, тоа е друго, но ако другите се нервозни не е непристојно да се направи таа отстапка, вели тој.

Коментирајќи ги опозициските настроени сили за договорот и во Грција и во Македонија, тој вели дека во соседната земјата конзервативните струи во еден подолг временски период направиле големи отстапки на националистите.

– Во Грција се појави проблем поради тоа што таму конзервативците кои дојдоа по Папандреу и Симитис направија големи отстапки за националистите, за да можат тие да владејат. Со тоа се направи една перцепција, очекувања дека и македонскиот идентитет на народот во Македонија ќе се менува и оти јазикот нема да се признае и сега тие очекувања не се исполнети, рече Глигоров

Смета дека на голем број Грци тоа не им е важно, но од политичка гледна точка тоа е проблем за конзервативната партија и од гледна точка на многу делови на јавноста кои имаат вложено во тие очекувања е проблем.

– Политички тоа може да биде причина или начин да се урне оваа влада на Ципрас, која и така не е популарна заради сите тие економски мерки и работи што ги стори по кризата. Мислам дека за Грција тоа би било големо олеснување, политичко, но прашање е дали ќе нема политички интерес и во друга насока – рече тој.

Според него, и во Македонија има песимизам, но како што кажа „ние сме мали и мора да трпиме, Македонецот е трпелив“.

Во поглед на некои квалификации на договорот како капитулација, Глигоров вели дека станува збор за договор со соседите за тоа како да се живее на мирен начин, а да не се даде ништо од сопствениот идентитет.

– Називот на државата не е дел од идентитетот. Беше да кажеме СРМ, сега е Северна Македонија, тоа беше уставна одредница, ова е географска, ќе има потреба дипломатски да се инстистира сите да разберат дека ова е географија. Македонија е политика и култура, јас мислам дека ЕУ ќе помогне во тоа да ги информира сите оти не постојат северни Македонци, туку само Македонци, бидејќи нема други Македонци и нема друга македонска држава, тоа е македонска држава – нагласи Глигоров.

Тој смета дека дека референдумското изјаснување на граѓаните ќе биде позитивно.

МИА интервјуто целосно ќе го објави утре.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...