Гледаноста на Оскарите најниска во историјата, 23,6 милиони луѓе го гледале доделувањето

45

Гледаноста на 92. доделување на Оскарите е најниска во историјата. Свеченоста ја гледале 23,6 милиони луѓе, што е за 20 отсто помалку од лани, посочуваат податоците на Нилзен академијата.

На тоа, како што велат познавачите, влијаело тоа што церемонијата годинава се одржа порано од вообичаено.

– Освен тоа, доделувањето беше премногу предвидливо, премногу „бледо“ и премногу здодевно – смета Том О’Нил, основач на порталот „Голдерби“, што се занимава со свеченостите за доделување награди.

По вторпат во историјата, емисијата мина без домаќин-водител, а критичарите оценуваат дека тоа е уште еден хендикеп, за разлика од претходно, кога тоа се најавуваше како новитет, свежина и предност.

– Водителот му дава облик и глас на шоуто кога тоа не нуди ништо друго. Овогодишното доделување мораше подобро да го пополни тој вакуум, оценува Џејмс Понивозик од „Њујорк тајмс“.

И критичарот на „Вашингтон пост“, Хенк Ставер смета дека шоуто било прилично предвидливо, нарекувајќи го „Оскар автопилот” поради немањето водител.

Во првото десетлетие од овој милениум, гледаноста на Оскарите беше меѓу 35 и 45 милиони гледачи и најчесто беше една од двете најгледани емисии во годината.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...