Гласањето на сите избирачки места во земјава во првиот круг од претседателските избори почна навреме. Од Државната изборна комисија информираат дека досега гласањето се одвива тековно и без проблеми.
Денеска се одржува првиот круг од шестите претседателски избори, а во претседателската трка се кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска-Давкова и Блерим Река, кој е поддржан од Алијансата на Албанците и Движењето Беса.
Се гласа на 3.480 избирачки места во Републикава. Вчера се гласаше во странство на 32 избирачки места.
Гласачките места ќе бидат отворени до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
На овие избори можат да гласаат 1.808.131 граѓанин запишани во избирачкиот список.
Претседателските избори ги следат 3.150 домашни и 419 странски набљудувачи.