Од печатницата „Киро Дандаро“ од Битола утрово требаше да започне дистрибуцијата на гласачките ливчиња за референдумот за името закажан за в недела.
Право на глас на плебисцитарното изјаснување имаат 1.806.336 гласачки ливчиња, запишано во Избирачки список. Тимови на ДИК ќе ги преземаат ливчињата и ќе ги доставуваат директно до општинските изборни комисии, кои пак според роковникот на ДИК се должни еден ден пред денот на одржување на референдумот да го предадат на избирачкиот одбор.
Референдумот ќе се спроведува на 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата и во Градот Скопје.
Болните, изнемоштемите, лицата во домашен притвор, затворениците и државјаните на Република Македонија во странство гласаат еден ден пред референдумот, односно на 29 септември.
Референдумското прашање гласи: Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“, а гласачите што ќе излезат на референдумот со заокружување со сино хемиско пенкало треба да се изјаснат дали се „за“ или „против“.
Гласањето на 30 септември почнува во 7 часот наутро и завршува во 19 часот.
ДИК првичните резултати од референдумот добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците и целокупниот гласачки материјал од ОИК, во рок од 24 часа по приемот на записниците и целокупниот гласачки материјал од сите ОИК.
Резултатот од гласањето, ДИК го објавува во „Службен весник“ во рок од 15 дена од денот на одржување на референдумот.