Што значи тоа кога за нешто се вели дека е „бизарно“? Што значи тоа кога се вели, „што е тоа што ни се случи на изборите“? Го приметувате тоа „што“ (?); е тоа „што“ постои во реалноста, само што (еве го пак!) науката нема до крај објаснување, па луѓето кои се склони на суеверие, им се чини дека во тоа „што“ има нешто таинствено, натприродно, скриено. Се сеќавате дека многу одамна и громот беше натприроден феномен (се лутеа боговите? Или она наше сеприсутно, „кога грми, Господ ни се лути“), додека не се појави човек што објасни како громот настанува.
Вие мислите дека во политиката е поинаку? Апсолутно погрешно. Погледнете ги сите оние „теоритичари на заговори“ кои тврдат дека Заев и неговата влада го смениле името затоа што така сакале ЦИА и Американците. Гледате, почитувани, на нормален и разумен свет такво нешто не му се случува, ама за жал, кај нас такви нарации и „размислувања“ постојат. Дури, не само што вакви размислувања постојат, туку во голема мера овие „размислувања“ егзистираат во локалните самоуправи и Собранието на Република Северна Македонија. Ваквото мислење е толку вкоренето што ниту сериозни играчи во македонската политика не можат да го искоренат. Или со други зборови, за овие феномени луѓето во политиката гласаат за таков сој од вистинити и реални луѓе. Не, не се работи за партиски „ботови“ или надрндани фиќфириќи, се работи за живи и постоечки луѓе кои се влезени директно во политиката. На науката до некаде јасно ѝ е каква структура гласа за СДСМ, а каква структура гласа за ВМРО-ДПМНЕ. Но сепак, од каде се појавија толку многу апстиненти и ливчиња кои изразуваат неважечки глас, на домашната аналитичка памет тоа ѝ е комплетна непознаница.
Се сметам себе за „п(р)осветен“ човек, па, дозволете ми, да се обидам, фер би било од моја страна, да дадам скромен придонес на науката, и да се обидеме да ги растераме овие магли и парафеномени. Ми се чини дека од оваа материја по нешто знам, барем поради една проста причина: и јас сум од оние луѓе кои на минатонеделните избори го заокружив редниот број 3, и гласав за кандидатот со име Стево Пендаровски. Односно, го направив тоа со лесно срце и мирна совест. Па, како што ви реков, дозволете да дадам мал придонес во науката, како некој што сега ќе биде наречен „заевистички“ гласач, па оттука да ги чуете неговите причини зошто тоа го направил? Не претендирам дека аргументациите ќе погодат во целта и во мотивите на другите, ама некако е баш тешко да се поверува дека едно со друго нема врска. Но, да одиме со ред.
Најпрво, мора да знаеме какви се овие избори и за што всушност ние гласаме, за да знаеме дека исходот на овие избори ќе одлучува во нијанси. Во „нормални“ ситуации ние треба да избере формално претседател на земјава, и тој треба да го заврши (или потврди!) нашиот евроатлантски пат како нешто што претставува врвен национален интерес. Но, разликата измеѓу едниот и другиот кандидат е мала, што би можело да прави – не и нужно – проблем во вториот круг од претседателските избори. Како дојде до тоа, и како дојде до толкава неизлезност? За тоа е виновна „општонародната“ декаденција на политиката и политичкото, што претставува суштинско обележје на постедемократска Северна Македонија, оние кои мислат дека во оваа земја Зоран Заев е виновен за сѐ, и оние кои мислат дека токму тој мора да ја реши сечија егзистенција во оваа земја, па му нудат метли, го колнат, го проколнуваат, а масите не се помалку гладни од времето на Груевски, туку напротив.
Кога го ставав ливчето во онаа проѕирна кутија во неделата, не го ставив затоа што мислев дека Заев и неговите се златни, и дека се чист благослов, туку затоа што Зоран Заев и оваа влада се единствена опиплива и реална алтернатива на тоа што беше претходно – растурена држава и земја, испљачкана, а во политичка смисла „Орбанизирана“.
Имено, Зоран Заев доби мал број гласови за Стево Пендаровски, односно победи кандидатот на СДСМ со многу мала разлика што е дефакто победа, а тоа во демократија е важно, дури и кога би се работело за еден глас повеќе, тоа е сепак победа. Главната причина зошто толку неизлезеност и неважечки ливчиња (без разлика колку тие, од крајно нејасни причини, ова ќе го негираат!) лежи во онаа сорта на луѓе кои цело време врескаа, барем последните шест месеци: сите се исти, нема за кого да се гласа, одвратна влада, многу „пилиштари“, нека си одат, итн. Е сега, може да си оди Заев и цела влада, ама не знам што точно е она, и како тоа се вика, кое треба да го наследи? Не знам како вам ви изгледа, ама мене на Ангел не ми изгледа!
Одиме понатаму, дали ако јас ја прифатам синтагмата „сите се исти“, дали тоа значи дека од инает не треба да излезaм на избори и гласам за оној кандидат што знам дека нема да прави опструкции на евроатлантскиот пат, или да не излезам да гласам затоа што тоа ЦИА го уредила „од Калето“ велејќи ни дека „сите се исти“? Па извинете, јас не се палам на дугме, јас гласав за Стево Пендаровски прво затоа што е јасно прозападно ориентиран, и второ, гласав за да им го скратам маневарскиот простор на една аздисана, нерефоромирана и авторитарна популистичка партија со име ВМРО-ДПМНЕ. Е, гледате, тоа се моите аргументи, а воопшто не се палам на сурија од „морални“ вртикапи и сончогледи. Како што не се палам ниту на нивните „аргументации“.
Дозволете да кажам уште некои работи, односно да се обидам на растерам некои магли од идиотските мистификации кои лебдат во медиумскиот простор. Најпрво: „Зоран Заев е предавник и го смени името, а името е светост“? Глупост: не се работи за името, никогаш не се работело за името; туку се работи за спор преку кој лесно се доаѓа на власт, лесно се крадуцкаат пари сѐ додека имаш тема која се вика „име и идентитет“. Зоран Заев не го смени името, туку го реши билатералниот спор со Грција; дали тоа се викало име, стреа, меѓа, гајба, подрум, шупа, за Европа тоа е неважно. Европа ни вели: имате спор со комшиите, решете го ако сакате НАТО и пристапни преговори во ЕУ. Точка. Таа точка нѐ води до нова точка под број два: „Зоран Заев прави непотизам, сите ги вработува“. Погрешно. Некој се замерил со Заев затоа што луѓето од партијата негова не добил тендер, вработување, директорска позиција, советничка улога, оти, еј, „затоа што и тие се бореле против режимот“? Потоа доаѓаме до точка три: нереформирано судство, тука се сложувам и повеќе од тоа: најитно мора да преземе акција, СЈО да продолжи со својата работа, да се консултира со експерти кои знаат што значи да се има судство во заробена држава и како тоа се деинсталира, реформира и коптира во постоечкиот судски систем.
На крајот сакам да бидам личен. Како денот се ближеше до избори, не можев да бидам резигниран затоа што таму некој Јанко, Трајко или Сајко седи во владата; туку затоа што СДСМ е единствена алтернатива за Европа. И затоа што сакам да им го скратам маневарскиот простор на Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска. А зошто сакам? Затоа што ви кажав погоре: гласам против нереформиран, авторитарен популизам, затоа што по ѓаволите со нас, тоа веќе го имавме. Е затоа нема да се каам што првиот круг гласав, како што ќе гласам и во вториот круг. А зошто, пак, е тоа важно што има таму некој статист да ни каже? Затоа што статист-по-статист видовме што добивме во првиот круг, па логично: ако не гласаш, Мицкоски оди напред; ако велиш „сите се исти“, повторно Мицкоски оди напред. Јас во такви свињарии нема да учествувам. Затоа што по ѓаволите, знам каде бев и знам од каде излегов. И не сакам, па не сакам!