Томе Главчев, сопственик на конфекцијата „Ноел“, на денешното рочиште за случајот „Рекет“ објасни дека можел годишно да одвои од 40 до 50.000 евра за реклама во повеќе медиуми.
– Стапив во контакт и со Бојан Јовановски и можам да кажам дека сѐ беше коректно додека не се случи обидот за мое приведување. Тогаш цената за рекламирање рипна на 100.000 евра. Јасно ми беше што се случува кога човек е во тесно – рече Главчев.
Тој за Боки рече дека е „интересна фигурица“, дека сугерирал и за стајлингот на кошулите.
– За него имав направено неколку црни кошули по негова сугестија, сакаше да дојде и во фабриката. Го гледав на слики со Јанева и еднаш го прашав дали има сознанија за мојот предмет, а Боки ми рече дека јас сум колатералка и треба да бидам спокоен – одговори Главчев на прашање на адвокатот на Боки, Сашо Дуковски.
Дуковски го праша дали освен за рекламирање Главчев имал и други разговори со Боки.
– Работиме со текстил, повеќе машки кошули. Се догоиваравме со Бојан Јовановски да направиме некоја екстра реклама која ќе се однесува на женски кошули, но тоа да биде помодерно, жените се поспецифични. Потпишавме договор за сума од 100 илјади евра. Ми одговараа условите, 50 илјади евра требаше да се исплатат пред рекламирањето, а останатите отпосле. Рекламата беше супер и останавме на договореното. Боки е интересна фигурица, се мешаше и во стајлингот, морам да признаам дека има познавања и тоа е единствената комуникација која сум ја имал со него – рече бизнисменот Главчев.
Откако тој кажа дека Боки му рекол дека е само колатералка во случајот што против него го водело СЈО, судијката Васка Николовска Масевска рече дека судењето продолжува в петок на 27 декември, а на 3 јануари се очекува да сведочи обвинителката Елизабета Јосифовска.