Британскиот министер за Европа и Америка, Алан Данкан и шефот на германската дипломатија Мас денеска доаѓаат во Македонија.
Внатрешно политичките состојби и реформската НАТО и ЕУ агенда во Република Македонија и подготвителните активности поврзани со успешна реализација на референдумот на 30 септември ќе бидат дел од темите за кои денеска во Скопје ќе разговараат министерот за Европа и Америка во британскиот Форин Офис, Сер Алан Данкан и неговиот домаќин Никола Димитров.
Сер Алан Данкан и Димитров, како што соопшти МНР, ќе се осврнат и на регионалната соработка, британскиот ангажман во рамките на Берлинскиот Процес, преговорите меѓу ЕУ и Обединето Кралство околу Брегзит.
Посетата на Министерот Данкан претставува уште една потврда за зголемениот интензитет на политичкиот дијалог меѓу двете земји изминатава година, особено по историската посета на британската премиерка, Тереза Меј на Република Македонија на 17 мај, нагласува МНР.
Министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас, денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Република Македонија на покана на министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Како што соопшти МНР, Мас доаѓа во возвратна посета на Македонија по јунската средба со министерот Димитров во Берлин и на само 10 дена по историската посета на канцеларката Ангела Меркел на 8 Септември годинава. Посетата, додаваат од МНР, преставува дополнителна потврда на активната и недвосмислена поддршка од СР Германија во насока на остварување на нашите стратешки цели – полноправно членство во ЕУ и НАТО.
На средбата, министрите Димитров и Мас ќе разменат мислења за најновиот развој на внатрешно-политичките состојби во Република Македонија, реформската ЕУ и НАТО агенда, регионалната соработка, како и за подготвителните активности поврзани за успешна реализација на референдумот на 30 септември.