Четири девојки од Охрид биле излажани дека ќе бидат фотографирани за избор на манекенки по што се нашле на интернет страница за остварување контакти, соопшти МВР.
Секторот за внатрешни работи Охрид до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против К.К. (29) од Свети Николе и Н.Ц. (31) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на лични податоци“.
На 23 јули минатата година на плажа во Охрид, пријавените направиле фотосесија на четири девојки од Охрид, откако претходно ги убедиле дека фотографиите се за модна агенција од Србија, која ќе избирала манекенки, презентерки, фотомодели и ќе снимала спотови. Пријавените, на четирите девојки им исплатиле по 600 денари а потоа им ги фотографирале и личните документи.
Во текот на 2018 година, истите фотографии и лични податоци на четирите девојки од Охрид, без нивно знаење и нивна согласност, биле објавени на веб сајт, кој бил креиран за остварување контакти.