Матичните лекари ги будат и среде ноќ за да потврдат дека настапила смрт кај некој граѓанин, бидејќи нема мртвопроверители во сите градови во земјата. Најалармантно е во Тетово. Семејствата без овој документ не може да ги погребаат блиските. Но, според законот, не може лекар што го лекува пациентот, да издава потврда и дека починал, тврдат од Здружението на приватни лекари на РМ.
– Нема мртвопроверителни служби во неколку градови. Еве, од колегите од Тетово имаше голема реакција, каде е и најалармантна состојбата, дека од Итна помош ги упатувале лицата на кои им починал некој близок и им велеле „разбудете си го матичниот, да ви издаде потврда за починато лице“! По Законот за здравствена заштита, не смее доктор кој го лекувал пациентот да издаде и посмртница дека лицето починало. Порано во Југославија насекаде, во секој град, имаше лекар кој беше одговорен за издавање на овие потврди – дека е утврдена смрт и дека лицето e навистина починато. За тоа секако има процедура, починатиот мора да се прегледа, бидејќи некогаш, иако многу ретко, има случаи на клиничка смрт, состојба од која пациентите се враќаат во живот од таа состојба – вели д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението.
Агресивни роднини ги тераат и без преглед да потпишат документ!
Но, оваа постапка не е толку едноставна зашто може лесно да се злоупотреби.
– Сега се случува и по градовите, но и по селата, да им викаат на лекарите „Ајде умре бабата, дајте ни посмртница“, а на тој начин, без овластено лице да биде вклучено во издавањето на документот, има секако можност за злоупотреби во врска со причините за нечија смрт. За ова на состаноци многупати алармиравме и во Министерството и во Фондот за здравствено осигурување, но еве поминаа месеци, а проблемот стои. Не се почитува одредбата од Законот за здравствена заштита дека во секој град треба да има мртвопроверителна служба и таа да си ја врши работата – вели д-р Чолакова Дервишова.
Таа додава дека констатирање на смртта мора да врши овластено лице.
– Мртвопроверителите секогаш биле во склоп на Брзата помош која работи 24 часа. Не е в ред некој да им ѕвони среде ноќ на матичните и да им го ремети мирот. Самиот стрес некој да ви ѕвони толку доцна е голем, а се случува често кога колегите ќе излезат на терен да се соочат и со агресивни роднини на починатиот кои инсистираат, некогаш и без преглед, да се издаде потврдата. Од Брзата помош во Тетово не може да ги упатуваат на матичните лекари за ова, кога тоа е нивна работа. Оваа служба (Брза помош) си функционира во склоп на Здравствениот дом каде има ред и дисциплина, па и во тетовскиот здравствен дом треба да си назначат човек за оваа работа, која треба да е и платена од државата. Не може матичниот лекар да биде и мртвозорник и да оди од село во село и тоа без никаква заштита – потенцираат од Здружението.
Следи обука, па од ноември ќе има мртвопроверители во Тетово
Директорот на Здравствениот дом во Тетово, Борислав Јоргачиевски, вели дека на повидок е решението на овој проблем.
– Еден лекар имаме избрано, а ни побараа двајца, и тој со другите веќе беше на еден семинар. Сега на 2. септември ќе почнат со обука на Медицинскиот факултет во Скопје, која ќе трае 2 месеци. Значи наскоро ќе добиеме еден лекар којшто ќе биде лиценциран мртвопроверител, а како и досега, тоа е колега од Брза помош – изјави Јоргачиевски.
Инаку, од Домот додаваат дека се координираат со матичните лекари и за овие документи.
– Има два документа што им ги бараат на семејствата на починатите, а едниот треба да го издаде матичниот лекар. Ние ја издаваме втората потврда, бидејќи некаде не сакаат да ги погребаат починатите без овој документ. Додека не добиеме официјален мртвопроверител, Брзата помош го издава вториот документ што некаде им го бараат. Вакви случаи каде и тоа се бара, тука имаме еден до два пати месечно, а од надлежните во Скопје добиваме насоки да нема застој во работата, па од наша страна веднаш се издава документот – неофицијално изјавуваат од Домот во Тетово.