За тоа како ќе се надмине проблемот со недостиг на гинеколози во земјава и дека половина држава нема гинеколози, дека има статистики оти во наредните пет години третина од нив ќе заминат во пензија, која е стратегијата за надминување на проблемот, Филипче рече дека повеќе пати било разговарано со претставници на здруженијата на гинеколози и експерти од Клиниката за гинекологија и акушерство, но и со експерти од други области. Затоа што недостиг од одредени специјалисти има во здравствените домови и од други области.
– Затоа презедовме две мерки. Едната, со последната измена на законот, се дозволи посета или визита на доктор, престојување во здравствена установа во која нема специјалист кој таму работи. На тој начин дозволивме лекар на пример и од неврологија, оториноларингологија, офталмологија, да престојуваат во здравствените домови во земјава, каде што ваков доктор со години нема и жителите од тој регион се приморани да патуваат до најблискиот регионален центар или до Скопје. Тоа како мерка веќе започнува да се применува, во смисла на правење договори помеѓу клиниките, односно болниците на секундарно ниво во Скопје и регионалните специјалистички болници со здравствените домови, врз основа на потребите – појасни тој.
Втората работа, во однос на гинеколозите, додаде, веќе е во фаза на подготовка на еден чекор кој ќе значи потоа и имплементација во целата земја, да им се дозволи на гинеколозите кои работат во болниците, да може да ординираат како матични гинеколози таму каде што има навистина голем недостиг. Таков типичен пример е градот Прилеп кој има само 4 гинеколози. Двајца се веќе пред пензија и нема на повидок млад гинеколог да може да ја преземе таа работа.
– Разговаравме со гинеколозите во болницата кои ќе добијат соодветен печат од Фондот да можат да ординираат како матични лекари со соодветен распоред. За Прилеп и за Крушево. Во Крушево со години нема гинеколог а има опремена ординација во здравствениот дом. Тоа веќе е во подготовка и искрено се надевам дека за нецели две недели, оваа мерка и практично ќе се имплементира – нагласи тој.