Единствениот извор на знаење е искуството, вели познатиот научник Алберт Ајнштајн. Може да се каже дека ова е основната идеја и зад едукативната програма „Недела без училишни ѕидови“ (Week without walls) која се спроведува во меѓународното училиште „Нова“. Концептот е учениците да имаат практична настава во различни сфери со што директно ќе се запознаат со одредена тема која ги интересира, а притоа нема да бидат „заглавени“ само во лекциите во учебниците. Голем дел од активностите се одвиваат во Скопје, еден дел се реализираат низ земјава (Маврово, Попова Шапка, Берово, Плачковица), а се организираат активности и во странство.
Во текот на изминатите шест години откако постои програмата во „Нова“ биле спроведени проекти и во: Лондон, Москва, Санкт Петерсбург, Мадрид, Рим, Прага, Варшава, Виена, Будимпешта, Истанбул, Љубљана, Загреб, Сараево, Белград, Атина, Софија итн.
– Сметаме дека процесот на учење не треба да биде ограничен само на училишниот ден и да се одвива само во училиштето. Поради тоа ја нудиме оваа програма со која учениците имаат можност да го запознаат светот надвор од физичките ѕидови на „Нова“ и да работат на „вистински“ проекти со што стекнуваат искуства кои е тешко да се реализираат во рамки на училишниот ден. Повратните информации кои ги добиваме од учениците и од родителите во последните шест години откако се спроведува програмата ни покажуваат дека се ценат овие можности и искуства. Тоа е така бидејќи преку оваа програма, учениците имаат шанса да стекнат вештини за лидерство, подобра комуникација, но и да добијат поширока перспектива за можностите кои постојат надвор од формалното образование – вели Александар Ристовски, координатор на програмата „Недела без училишни ѕидови“ во „Нова“.
Учење преку искуство
Едукативната програма „Недела без училишни ѕидови“ е можност учениците од „Нова“ да го истражат светот надвор од училиштето и да ги развиваат меѓусебните односи, преку учење засновано на проекти. Како што стекнуваат знаења, тие истото го применуваат за да решат некој автентичен проблем.
– Секоја година се организираат активности и проекти кои опфаќаат голем број на различни дејства, како по темите кои се обработуваат/изучуваат, така и по начинот на кој тоа се прави. Проектите варираат од сферата на дигитален дизајн и компјутерска анимација, преку помош кон заедницата и општествено корисна работа, до проекти за откривање и разбирање на историскиот контекст и настаните во делови на Македонија, Балканот и Европа, како и проекти за стекнување на нови знаења и вештини од природните и техничките науки во некој од научните центри на Балканот и пошироко – вели Ристовски.
„Недела без училишни ѕидови“ е составен дел од програмата на гимназијата „Нова“ според која сите ученици од прва до трета година се обврзани да учествуваат барем еднаш годишно на еден ваков настан од едукативна природа.
– Сите проекти имаат своја вредност и значење и тешко е да се направи избор за некој проект кој е поинтересен од другите. Секој професор верува дека проектот кој го иницира, планира и спроведува е вредно искуство за учениците кои се регистрираат водени од своите предиспозиции и интереси. Но, ако мораме да издвоиме нeкои проекти, тогаш би ги напоменал: проектот за компјутерска анимација и дигитален дизајн, како и филмските работилници во Скопје; проектите за помош кон заедницата (Community Service) бидејќи секоја година има такви активности во Скопје; проекти за помош на локалните заедниците во Љубљана, Словенија и Клуж-Напоака, Романија; проектите поврзани со општествени науки и изучување на историски прилики и контексти во Белград, Србија и Загреб, Хрватска, во Нови Сад, Србија и Будимпешта, Унгарија, во Сараево, БиХ и Дубровник, Хрватска; проекти поврзани со природните и техничките науки и работа во Истражувачки центар Винча во Србија, универзитетот во Атина, Грција, опсерваторијата во Рожен во Бугарија и научниот центар во Москва, Русија. Мора да ги споменам и проектите поврзани со литературата и фотографијата во Лондон, Велика Британија; во Прага, Чешка Република и во Велико Трново и Софија, Бугарија; ликовните колонии во Маврово и Берово и проекти за вештини за прежувување на Плачковица, Македонија; како и физичка активност и авантура на Попова Шапка, Македонија и Златибор, Србија – посочува Ристовски.
Активности од тимски карактер
Сара Голакова е ученичка во втора година во средното училиште „Нова“. Вели дека една од нејзините омилени карактеристики на оваа образовна институција е дека нуди уникатна програма од едукативен и забавен карактер.
– Ваков пример е програмата „Недела без училишни ѕидови“ која е докажано најдобриот начин за да се спојат истражувањето, знаењето и дружбата во едно. Активно учествувам во програмата од првата година во училиштето, односно од лани. Програмава е значаен дел од наставата во „Нова“ и е воведена пред многу години со цел учениците да стекнат искуство преку самостојно патување, работа на проекти и да усвојат нов амбиент на начин различен од класичната посета како туристи. Програмата е дизајнирана така што се одвива на начин кој ги соединува учениците, вклучувајќи групни активности од тимски карактер. Со ваквите активности, учениците не само што учат и истражуваат за местото каде што се наоѓаат, туку и меѓусебно се запознаваат и зближуваат. Подоцна се откриваат лидерските и организаторски вештини кај поединецот – појаснува Сара.
Марија Кастратовиќ, ученичка во трета година во гимназијата „Нова“, е дел од оваа програма уште од самиот почетокот на образованието во оваа институција.
– „Недела без ѕидови“ дава големи можности за учење, за надградување на личноста во повеќе сфери на општествениот живот и нуди можности за социјализација. Ние, учениците учиме како да бидеме солидарни и хумани, како да бидеме корисни за општеството и се надополнуваме со нови информации кои ќе ни бидат потребни во нашето понатамошно изградување како личности. Преку програмата може да го надградиме своето знаење од одредена област како на пример астрономија, историја, уметност, прва помош, брајова азбука итн. – посочува Марија.
Ученичката Симона Шилегова смета дека оваа програма е добра од повеќе аспекти. Најпрво дека им овозможува на учениците да стекнат нови пријатели и да уживаат во убавините на различни земји.
– Сите ние имаме шанса да стекнеме нови знаења кои на интересен начин ни се презентирани и ни овозможуваат да ги запомниме. Во моето идно школување, според мое лично мислење, сите информации кои ми го земале вниманието ќе ми помогнат да се изградам како човек и да знам многу информации кои што можеби ќе ги учам понатаму, а веќе ќе ја имам основата. Искрено им препорачувам на сите ученици во нивната блиска иднина да станат дел од овие патувања – вели Симона и додава дека сите стекнати искуства се корисни во понатамошниот живот.