Гилотината 600.000 евра

5132

Мухамед Зекири изјави дека бил во постојан контакт со пратениците (сите) на ВМРО-ДПМНЕ. Дека тој и други тивко преговарале да дојдат до најнеопходни десет гласа за постапката промена (веќе во тек) на членови од Уставот според договорот Ципрас-Заев. Дека се надева на добар исход од тие преговори. Добро, не го рече тоа со – тие зборови. Ама од кроткиот тон на неговата изјава ѕиркаа тие зборови. И уште нешто, можеби.

Да си замислиме сега ваква сцена. Пред парламентарните избори во 2016 мене, по телефон, ме повикуваат итно во белата-палата на ВМРО-ДПМНЕ. Таму ми кажуваат дека мене ми се укажува „чест и доверба“ и, во истиот момент, еден од Извршниот комитет ме води веќе кај шефот, секретарот и уште некои со него. Дискретно, во еден здив, ми дава до знаење патем дека требало, најбрзо што се може, да се средат некои ситни формалности, „банални во основа“. За да се најдам на пратеничката листа за идниот парламентарен состав.

Јас влегувам, станува, од својот раскошен трон во украински длаборез шефот на партијата. Тргнува во пресрет и се поздравува, а потоа ме предава во рацете на секретарот. Тој рутински бара да ставам потпис врз virgo лист хартија со лого на партијата. Tолку! Оној лик од Извршниот комитет со строг израз на своето лице веќе ме изведува од канцеларијата. Пред вратата чекал веќе друг кому му се укажува „чест и доверба“ да се најде на пратеничка листа на ВМРО-ДПМНЕ за идниот парламентарен состав.

Така би трeбало да изгледа таа селективна процедура според зборовите на Ване Цветанов. Тој едно време беше дури и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Па потоа шеф на Агенција за борба против корупција (или така некако). Ама и човек со некое „ѓаволче во душа“ кое му помогнало на писателот Ацо Алексиев да заврши на Голи Оток. А на Цветанов во истражниот во Шутка. Оној човек кому ВМРО-ДПМНЕ му укажал „чест и доверба“ кога решил да прави пратеник од него, дури потоа дознавал (според Цветанов) дека на тој virgo лист хартија врвот на партијата уфрлал текст со неотповиклива оставка, плус глоба од 600.000 евра во случај тој пратеник да гласал макар еднаш по своја совест и волја, а не по совест и волја на врвот од партијата.

Логично прашање: а зошто врвот на партијата сето тоа го држи во строга конспирација со тој virgo хартија со партиско лого? Логичен одговор: затоа што добро знае дека ако не сите, тогаш барем еден (лево насаден?) ќе се најде да ги одбие тие „услови“ на ВМРО-ДПМНЕ. А пак кога ќе се најде барем еден, тоа може да послужи како пример за другите. А примерот нели, велеше Гогољ во неговите „Мртви души“, бил посилен од кој бил совет или наредба? Штом ќе дојде до тоа – отиде јабана нескршливата вера во светата кауза ВМРО-ДПМНЕ, во клетвата пред кама и пиштол, во заветот на предците итн., итн.

Значи, таа работа функционира деценија и повеќе. Таа работа ја смисли пастир Груеску кога почесниот Љубчо Георгиевски посака да се врати на тронот на ВМРО-ДПМНЕ, кога повлече добра половина пратеничка група со себеси и кога Груеску беше принуден да спасува трон во „Панорама“ со ликови како оној Игор Југ, на пример, сега во Истражниот во Шутка, а оттаму му праќал не многу нежни СМСпораки во кои барал да се најдат „насамо барем пет минути“.

Ако добро функционира, нема зошто пастир Николае да не посегне по таа работа и кога ја составувал пратеничката листа за парламентарните во 2016. Значи, сите оние 51 пратеник кои ги доби на тие избори ставиле потпис врз virgo лист хартија во кој, сегашниот шеф на ВМРО-ДПМНЕ, може да го стави тоа што му треба ако (чувал Господ!) некој му откаже послушност, ако реши да појде по умот и наумот на Заев. Како Игор Есмеров (не е пратеник) или Митко Јанчев (градоначалник на Кавадарци) кои јавно зборуваат дека ВМРО-ДПМНЕ не смеел да си дозволи ни „внатрешна“, а камоли „надворешна изолоција“.

Немало, во текот на овие десет и повеќе години, некој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со гилотината-меница од 600.000 евра која му виси над глава да му откаже безусловна послушност на шефот на ВМРО-ДПМНЕ. Ако немало, тоа сè уште не значи дека ќе – нема. Токму затоа и се преговара, како што вели пратеникот Зекири. А кога се преговара, кога има странки што преговарат, тогаш не може едната да добие сè, а другата – ништо. Преведено на прост јазик, тоа значи: Заев да им гарантира нешто на оние десетмина кои му требаат за да дојде до „компромис од кој никој не е задоволен“ (Меркел).

Која би била таа минимум-гаранција со максимум-ефекти? Таа би била Заев да ја тргне онаа гилотина од 600.000 евра од над главите на сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. За да бидат сигурни оние десетмина дека нема да ги изигра, би било добро половината да ја плати во кеш, а пак другата откако ќе гласаат? Оти, толку треба за да си ја откупат тие својата слободна мисла и волја која му ја продале Груеску? Патем речено, и тој Николае е со „ѓаволче в душа“ како Алексиев и Цветанов. И него тоа „ѓаволче“ го фрли да гние и скапува во темни зандани. Иако не се тоа ни оддалеку исти ѓаволчиња.

А што е со онаа минимум-гаранција? Таа е политички пазар? Засега, ако не ме лаже носот, се шири слаб мирис од нешто како политички кујни. Што ќе испадне од тоа: наше тури-потпечи, руско шчи или ЕУ roti de boeuf Esterhazy? Ќе видиме наскоро или – никогаш. Што е, можеби, најдобро.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...