Героски за Прес 24: Уништен е сонот дека СЈО ќе биде новиот лик на македонската правда

2553

Новинарот Бранко Героски, кој со своите текстови го покрена случајот „Бомбашки рекет“, име што самиот го даде, смета дека органите на прогонот мора целосно да го расветлат случајот.

Тоа, според него е важно заради како што вели во интервју за Прес24, „потребата конечно да престане оваа спирала на злото и на омразата, која почна со лиферувањето на нелегално прислушуваните разговори, таканаречените бомби.

– Злоупотребата на овие материјали – еве, како што гледаме, дури и за милионски рекет – ја надмина потребата од нивна употреба заради „јавниот интерес“. Затоа јавно го советував премиерот Заев, првиот „менаџер“ на бомбите, да свика еден „самит“ на луѓето кои се примарни извори на овој токсичен материјал и да се договорат да го депонираат во бункер што веќе нема да се отвора. И оваа истрага ја разбирам како обид во таа насока, како обид за одлучен удар врз бомбашкиот рекет – вели Бранко Героски во интервју за Прес24.

Според неговите информации истрагата има несоборливи докази за случајот, но вели дека би сакал да знае дали во тие докази се спомнува спорниот обвинител.

– Инаку, моите сознанија се дека доказите се толку цврсти, што од нив нема бегање. Тие мора да завршат на суд, за да не завршат некаде на некоја социјална мрежа и да предизвикаат досега невиден политички скандал. Затоа, добро е што се води одлучна истрага – вели Героски.

Героски во интервјуто одговара и на прашањето како влегол во приказната и како до него стасале информациите. Но и верува дека државниот врв бил добро известен за сѐ што се случувало и многу добро знаел што сега се случува.

– Политичката штета е голема, толку голема што и некои најголеми поддржувачи на власта и особено на СЈО на чело со Катица Јанева, кои ме напаѓаа како оси кога ја оспорував системската поставеност на ова обвинителство и особено кога го проблематизирав правото нелегално прибавените докази (бомбите) да се користат во судските постапки, сега од неа се откажуваат како од ѓаволот. Уништен е сонот дека СЈО ќе биде новиот лик на македонската правда – вели Героски во интервјуто.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...