Георгиевски: Не го штитам Трајковски, осомничениот за насилството во Центар

808

Градоначалникот на Општина Гази Баба Борче Георгиевски реагира дека нема намера никого да штити, особено ако е сторител на кривично дело.

Неговата реакција следува по денешното рочиште во кое  Александар Трајковски, еден од обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ на специјалното јавно обвинителство, не се појави на суд затоа што бил на службен пат во Хрватска.

Неговиот адвокат достави решение од градоначалникот на општина Гази Баба дека Трајковски како советник бил поканет на настан во Хрватска.

-Јас како градоначалник немам и не можам да имам информација кога одреден граѓанин има закажано рочиште на суд. Особено за некое лице кое не е ни вработено во општината Гази Баба. Никогаш не сум имал, ниту некогаш ќе имам намера да заштитам некого. Секој оној кој извршил повреда на Законот и предизвикал кривично дело, треба за своите постапки да одговара пред судот. Досега, за овој случај никој не побарал било каква асистенција од мене, или пак информација околу неговото отсуство. Јас секогаш стојам на располагање согласно моите надлежности како градоначалник, за било каква асистенција или информација која би им била потребна на специјалното обвинителство или судот – се вели во писмената реакција на градоначалникот Борче Георгиевски.  

Александар Трајковски, кој е обвинет во случајот на СЈО за насилството во општина Центар е член на Советот на општина Гази Баба избран на последните локални избори на листата предложена од ВМРО-ДПМНЕ.

-Неговото присуство во Хрватска е токму по предлог на неговата советничка група. Покрај него во Хрватска се заминати и други седум советници од сите советнички групи, како и претставници од ЦУК и месните заедници, кои учествуваат на работилница за превенција од елементарни непогоди – вели градоначалникот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...