Германски туристички пар утрово не стигнал да ужива во убавините на италијанскиот град Венеција поради утринско кафе кое сакале да си го направат.
Двајцата туристи од Берлин, на возраст од 32 и 35 години, сакале да одморат покрај познатиот мост Риалто и решиле да си направат кафе. Ја извадиле плинската боца од ранците, но локален жител ги забележал и повикал полиција. Полицајците ги казниле со 950 евра поради непримерно однесување, а покрај тоа им порачале и оти се непожелни гости и веднаш да го напуштат градот.
– Венеција треба да ја почитувате, а непримерните туристи кои мислат дека можат да дојдат и да прават што ќе посакаат, благодарение на локалната полиција, ќе сфатат дека поради нивното однесување можат да бидат приведени, казнети и протерани од градот – изјавил градоначалникот на Венеција, Луиџи Бругнаро.