Германскиот бизнис смета дека ЕУ е потценета

115

Германскиот бизнис има намера да иницира активна проевропска кампања за подигање на свеста на граѓаните во пресрет на изборите за Европскиот парламент, што ќе се одржат на 23 и 26 мај, а потоа да ја претвори во долгорочен проект.

Германските бизнисмени веруваат дека нивните британски колеги не постапиле доволно решително и не им објасниле на жителите на Велика Британија за придобивките од членството на нивната земја во ЕУ. Ова, за возврат, придонесе на референдумот да се гласа во корист на Брегзит.

Две третини од претпријатијата сметаат дека ЕУ е потценета

– Од ова треба да се направат вистински заклучоци, се нагласува во Акцискиот план од 12 точки, изработен од страна на Федералната унија на трговско – индустриски комори на Германија (ДИХК). – Националистичките трендови кои се почесто се јавуваат во земјите членки на ЕУ, го усложнуваат трансграничниот бизнис и преиспитување на основните принципи на внатрешниот пазар – се вели во документот.

Самиот германски бизнис високо ги цени предностите на внатрешниот пазар на ЕУ или со други зборови, членството на Германија во ЕУ. Ова го покажуваат резултатите објавени на почетокот на април од онлајн анкетата спроведена од ДИХК со сопствениците и менаџерите на 1.800 големи, средни и мали фирми, кои ги претставуваат сите клучни сектори на германската економија.

Две третини (67 отсто) од анкетираните бизнисмени се согласуваат со ставот дека „ЕУ е подобра отколку што мислиме”, само девет проценти одговориле дека не мислат така, а останатите немаат мислење околу ова прашање.

Главни предности на ЕУ: политичката стабилност и еврото

Германските бизнис кругови најголема корист од ЕУ за нивните компании гледаат во политичката стабилност на континентот, па така дури 82 отсто од испитаниците го нагласуваат овој аспект. Многу е индикативно дека во 2006 година, во слична анкета, истиот став го имаа 53 проценти од испитаниците.

Како резултат на тоа, германските бизнисмени се повеќе ја ценат улогата на ЕУ во зајакнувањето на демократските и правните институции во Европа во изминатите над 10 политички неизвесни години.

Оттука, соодветно е и зголемената подготвеност на бизнисмените за работа на проевропската изборна кампања во ситуација кога политичката стабилност е загрозена од постојаните обиди на евроскептиците и другите антиевропски сили.

Како втора главна предност на ЕУ, речиси три четвртини од германските бизнисмени го посочиле еврото, односно „отсуството на девизни ризици” благодарение на заедничката валута. Доста индикативно е дека во 2006 година, неполни пет години по воведувањето на еврото, висока оценка за можноста за водење бизнис без страв од девизните флуктуации даваа 59 проценти од анкетираните. Тоа значи дека изминативе години и покрај долготрајната и тешка должничка криза во Еврозоната, значително се зголемила важноста на еврото во очите на бизнисмените.

Брисел е многу важен за трговската политика

На топ пет листата на предностите од членството во Унијата, исто така, се наоѓаат и слободниот пристап до европскиот пазар (69 отсто), единствените норми и стандарди (67 проценти) и единствената трговска политика (57 отсто). Последното е особено важно за компаниите кои имаат бизниси надвор од ЕУ.

Тука влегува и склучувањето трговски договори со трети земји и создавање на зони за слободна трговија (најсвеж пример е договорот со Јапонија) и заштитата на интересите на европскиот бизнис во Светската трговска организација (СТО) или во билатералните односи (неодамна Брисел го обврза Пекинг да ги зголеми правата на европските компании во Кина и да ги ограничи субвенциите за кинеските компании).

Само 38 отсто од анкетираните германски бизнисмени ја идентификуваа ЕУ како многу важно средство за добивање финансиска поддршка од Буџетот на Унијата.

Приоритети за иднината: монетарна унија, кадри и слободна трговија

На прашањето на кои теми треба во иднина да се фокусираат следниот Европски парламент и Европска комисија, учесниците во анкетата на ДИХК на прво место ги поставиле „зајакнувањето на капацитетите на монетарната унија за справување со кризи“ (62 отсто). Оваа прашање како приоритет е посочено од 82 отсто од компаниите во финансискиот сектор.

Вториот приоритет за сите анкетирани (55 проценти) е поддршката од страна на ЕУ во областа на стручното и техничко образование, како одраз на зголемената загриженост поради дефицитот на квалификувани кадри, појава со која се соочуваат германските деловни кругови. Ова прашање е најважно за германските услужни компании.

Веднаш по овој, 54 отсто од анкетираните како приоритет го посочиле зајакнувањето на мултилатералните правила во светската трговија и донесувањето мерки против протекционизмот. Оваа компонента е особено важна за претставниците на преработувачката индустрија. Со други зборови, германскиот бизнис очекува од Брисел ефикасна заштита, на пример, од американските царини.

Меѓу другите приоритети се унифицирањето на даночните стапки, поконзистентно земање предвид на интересите на малите и средни фирми при воведувањето на новите правила за регулирање на бизнисот, спроведување на еколошка политика која нема да биде на сметка на конкурентноста на фирмите, како и понатамошно намалување на бариерите за стоковните текови и услуги.

– Германските компании одлично разбираат што значи за нив ЕУ: таа е гарант за вкупниот внатрешен пазар и сигурна заштита во време на глобални турбуленции – заклучува шефот на ДИХК, Ерик Швајцер.

Тој признава дека е изненаден од високата принципиелна поддршка за ЕУ ​од страна на германските бизнисмени, дури и меѓу оние кои не работат надвор од Германија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...