Од една од потенцијално најопасните хемикалии, 14 тони винил хлорид, сместени над две децении во кругот на ОХИС, ќе се ослободиме најверојатно околу Нова година, до кога таа треба да биде спакувана во специјални садови, во коишто потоа и ќе отпатува во странство. Ова денеска за Плусинфо го потврди Владо Момировски, управител на Друштвото за собирање и примарна обработка на отпадоци „Екоцентар 97“ ДООЕЛ Скопје.
Во врска со тоа кога ќе почне и кога најрано би завршило преточувањето на 14-те тони винил хлорид, и со чија асистенција ќе се врши, Момировски вели:
– Сега се идеални температурите за преточување на винил хлоридот. Но тоа мора да го врши лиценцирана компанија од странство, па токму викендов со претставници на фирмата заминуваме за Германија за да одбереме компанија. Таа мора да поседува специјална опрема со која ќе го преточува винил хлоридот. Планираме таа операција да финишира до Нова година, а потоа обезбедуваме документи за транзит и извоз на оваа хемикалија. Пакувањето ќе се врши не во буриња, туку во специјални садови, во кои потоа и ќе се извезува во странство.
Инспекторите за животна средина се обидуваат да појаснат како можело да се случи речиси три децении ваква темпирана бомба да остане во центарот на Скопје и сиве овие години десетици опасни хемикалии да чекаат некој од надлежните да се смилува и да реши да почне да ги отстранува од кругот на ОХИС, некогашен гигант во хемиската индустрија.
– ОХИС е долги години под стечај, а во државна сопственост е од 2009 година, локацијата на која е сместена компанијата е на простор од државата Република Македонија. Стечајните управници распишувале тендери за отстранување на овие хемикалии, а дали освен посочените, можеби има и други сместени во кругот на фабриката, тоа не знаеме ни ние. Во елаборатот беа посочени 11 хемикалии, без винил хлоридот и собрани се сите, освен винил хлоридот. За отстранување на линданот ќе има посебен тендер. Кога во минатиот век беше забранета употребата на овој пестицид во земјоделието, оттогаш тој и престана да се користи. Инаку беше наменет за просторите на поранешна Југославија, затоа се големи количините коишто се наоѓаат на две депонии во ОХИС и чекаат на дислокација – појаснува Пејо Кировски, раководител на Инспекторатот за животна средина.
Во врска со тоа која ќе биде казната за фирмата Екоцентар 97, за тоа што се случи во петокот, тој додава дека ќе се знае по изготвување на решението.
– Настрана тоа што се случи во петокот, ова со дислокацијата на 11те хемикалии од ОХИС е за поддршка – конечно да ги отстраниме од градот и државата овие опасни материи – нагласува Кировски.