Целта на комисиите за учебниците не е „бришење на историјата”, туку деконтаминација на образованието од политички и идеолошки содржини. Комисиите за учебници се нова педагогија – „педагогија на мирот”, ишува Кица Колбе во својата колумна за Дојче веле.

Не се ретки  македонските медиуми кои пишуваат дека комисиите за проверка и подобрување на учебниците ќе ја  „бришеле македонската историја“. Тие со тоа покажуваат дека не ја познаваат европската историја на ваквите комисии, кои секогаш се плод на  договор за пријателство меѓу две земји. Затоа е уште поапсурдно   тврдењето дека постоењето на македонско-бугарска  и  македонско-грчка комисија било небаре историски преседан. Тие новинари очигледно не знаат дека дури и Југославија имаше такви комисии за учебниците. Тие комисии во минатото  беа често под покровителство на УНЕСКО или на Европскиот совет. Од друга страна, тенденциозното негативно толкување на работата на комисиите за учебниците не им дозволува на читатели да дознаат дека таквите комисии се драгоцена шанса токму за македонската  наука. Македонските научници во овие комисии имаат историска шанса да ја презентираат македонската перспектива во толкувањето на историјата. За сета досегашна историја беше типично Македонците да не бидат застапени во оние клучни настани, во кои се одлучуваше за Македонија. За првпат во македонската историја  „на масата“, наспроти соседите, седат и Македонците – застапени од македонските научници. Тој факт, пак, не ги ужаснува само опозициските „пропагандисти“. Тој факт е нова ситуација и за соседите на Македонците – за Грците и за Бугарите. Отаде и  проблемите кои, доколку се знае европското искуство со ваквите комисии, се сосем нормална работа. Онаму каде што со децении, а дури и векови, немало интензивна размена на мислења во сферата на образованието, таму проблемите се очекувана работа. Кога еден  еден народ за соседите долго бил само објект, но не и субјект во дискусијата,  таму  мора, најнапред, да дојде до промена на парадигмата, на перспективата  за да може да се води  дискусија за учебниците која не е повеќе зависна од политичката и државната идеологија. За да се разбере сиот овој комплекс од прашањатоа, треба да се  познава искуство на другите европски народи. Целта на комисиите за учебниците, имено, не е „бришење на историјата”, туку деконтаминација на образованието од политички и идеолошки  содржини. Тие содржини не се состојат во фактите. Оти историските факти се непорменливи. Тие се кријат во нивното толкување. Комисиите за учебниците се нова педагогија – „педагогија на мирот”. Најсилно таа доаѓа до израз во животното дело на германскиот научник Георг Екерт.

Силата на образованието

На својата визија, од педадогијата и училишната настава да се направи стратегија за мирот со соседите на Германија, но и помеѓу земјите  во цела Европа,  Георг Екерт и‘ го беше посветил сиот свој живот по Втората светска војна. Токму искуството во војната му беше покажало на младиот германски социјалдемократ колкава е силата на  учебниците по историја и географија, кои секогаш го отсликуваат духот на едно општество. Тие ја поседуваат силата да индоктринираат токму затоа што нивниот објект се децата и младинците, чија свест и мислење се обликуваат, пред се‘, преку образованието. Тоа сознание за Екерт говореше дека училиштето може од децата да создаде демократи, слободоумни, критички умови, но и фанатични, кусогледи, некритички личности, кои, притоа, најчесто имаат разубавена слика за својот народ и својата историја, а искривоколчена и  некритичка слика за туѓите народи. Тоа важи во голема мера за сликата за соседните народи. Затоа што тие народи во старата педагогија беа најчесто затворени во својот идеализиран  национален наратив. Буквално до последниот здив, затоа што почина додека држеше предавање на универзитетот,  Георг Екерт беше иницирал неброени билатерални и мултилатерални конференции за подобрување и поправка на учебниците, на кои често учествуваа научници од земјите, од кои некои во двете големи европски војни за Германците беа воени непријатели.

Во институтот во Брауншвајг, кој денес го носи името Георг Екерт, се документираат учебници од целиот свет. Екерт го основаше овој прочуен институт во 1951-та. Научниците во него ги проверуваат и анализираат учебниците, за да утврдат дали методологијата во нив соодветствува на најмодерните научни принципи. Освен тоа, се испитува во колкава мера податоците, настаните и историските факти, во  конкретните учебници се претставени објективно, што значи идеолошки и политички неутрално. Да се воспитуваат учениците без предрасуди, не значи дека треба да се премолчат или  се исфрлат непријатните настани, да се замачкаат или избришат фактите или нештата да се разубавуваат, постојано истакнуваше Георг Екерт во своите настапи и написи. Тој сметаше дека научниците и авторите на учебниците мора да се обидат да ги земат во предвид сите страни на настанот. Да ги претстават сите  толкувања на истиот настан, дури и кога тие се спротивни. Од 1975-тата година „Меѓународниот институт за учебници – Георг Екерт“  е самостојна институција со меѓународен углед. Експертизите и мислењето на овој институт ги почитуваат и меѓународните организации како УНЕСКО, ОБСЕ  или Советот на Европа. 1985-та година УНЕСКО му ја додели на овој институт наградата за особени достигнувања во  „образованието за мир“.

Георг Екерт е роден во Берлин, 1912-тата во граѓанско семејство. Неговите родители (Германец и Русинка) симпатизираат со либералните, левичарски идеи. По матурата, синот Георг членува во социјалдемократските  младински организации. Неговите контакти со водечките личности меѓу германските социјалдемократи потекнуваат уште од тоа време. Студиите по историја, георграфија, германистика и етнологија  ги започнува 1931-та на универзитетот во Берлин. Паралелно работи во централниот партиски архив на германската СПД. Таму му се пристапни  сите за либералното, социјалдемократско мислење значајни извори, како  делата на Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Август Бебел или Карл Кауцки.  Ова  е неговото прво искуство  кое му помага да сознае колку е значајно  солидното познавање на изворните списи не само за научната, туку и за педагошката дејност. На предавањата по етнологија, една во тоа време уште нова научна дисциплина, студентот Екерт се запознава со  новите принципи на истражување на туѓите култури. Тогаш првпат открива колку е значајно туѓата култура да се прифати и разбере во нејзината изворност, без предрасуди и предубедувања. Многу познавачи на неговото подоцнежно дело истакнуваат дека ова искуство го определило неговиот сензибилитет за истражувањето на учебниците по историја и географија.

Политички активниот студент Екерт наскоро доаѓа во конфликт со колегите на универзитетот,  кои се‘ повеќе симпатизираат со идеите на националсоцијалистите. Тој е изложен на напади  и мора секоја вечер да преспива во друг стан, за да не биде затворен. Состојбата особено се заострува кога националсоцијалистите 1933-та доаѓаат на власт и брзо потоа ја забрануваат социјалдемократската партија. Георг Екерт го напушта Берлин и ги продолжува студиите на Бонскиот универзитет, каде фокусот го поместува врз етнологијата, во која област докторира  1935-та со дисертација за старата латиноамериканска култура.

Екерт  бил уверен дека е возможно со  историска анализа да се надминат предрасудите во внатрешната политика и во образованието на една земја

Годините на војната, Георг Екерт, во најголема мера, ги поминува како метеоролог во метеоролошката станица на  германскиот Вермахт во Солун. Таму воспоставува врска со  познаникот од студиите во Бон, грчкиот научник Пантелејмон Формозис, кој во тоа време е раководител на  солунската универзитетска библиотека. Тој му помага на Екерт во етнолошките студии. Грчкиот пријател и неговата сопруга се  блиски на грчкото движење на отпорот – ЕЛАС – со кое го запознаваат и Георг Екерт. Тој често патува низ  Македонија и Грција истражувајќи ги обичаите на месното население. Тие резултати ги објавува во етнолошки научни прилози, кои и‘ ги испраќа на сопругата Магда во Берлин, а таа ги предава на редакциите. За време на еден одмор во Германија, Екерт се хабилитира на универзитетот во Бон. Познато е дека  во  Грција Екерт им помогнал на многу сефардски Евреи да се спасат од депортација, со тоа што ги вработил како свои помошници. Откако германски трупи се повлекуваат од Грција, Екерт останува во Солун, каде подоцна кусо време се придружува на ЕЛАС. На крајот, дроброволно се предава на британската армија. Таа има намера да го испрати, преку Атина и Рим, во Лондон, а оттаму  во повоена Германија, со задача да учествува во обновата на новите демократски структури. Меѓутоа тој  во Рим добива тешка белодробна болест, па бива веднаш префрлен во една британска болница во Германија. По едногодишно лекување, Георг Екерт се обидува со помош на своите стари познанства меѓу социјалдемократите да најде работа, како гимназиски или универзитетски  наставник. Така доаѓа до среќната констелација за неговата идна активност во ревизијата на учебниците. Имено, токму премиерот на германската покраина Брауншвајг, Алфред Кубел, во април 1946-тата му  нуди работа како доцент на  тамошниот универзитет. Од тој миг двајцата политичари ги поврзува пријателство, кое, конечно, му овозможи на Георг Екерт  1951-та да го основа прочуениот меѓународен институт за учебници во истиот град. По смртта на Екерт 1974-та, Алфред Кубел, тогаш веќе премиер на Долна-Саксонија, се погрижува институтот да продолжи со работа и без неговиот основач.

Умот – најсилното оружје во политиката

Делото на Георг Екерт, на кое  тој го посветува сиот свој живот по војната, се темели врз неговото чувство дека и тој е еден од тие што носат одговорност за поразот на демократијата во Германија. Тоа чувство на одговорност тој го дели заедно со социјалдемократот Вили Бранд. Научничкиот и политичкиот ангажман во личноста на Георг Екерт се нераскинливо поврзан. Еден од познатите уште живи социјалдемократи, Клаус фон Донани, еднаш рече за Георг Екерт дека за него умот било најсилното оружје во политиката. Професорот Екерт неуморно, чекор по чекор, ја остварувал својата визија – демократизација на разурнатата Германија. Затоа што  по војната недостигале нови учебници, а старите биле неупотребливи, тој почнал да издава  прирачници  по историја во кои биле објавени оригиналните извори. Во новите учебници биле воведени сите теми, кои  ги немало во старите учебници, како Селското востание, Револуцијата од 1848-та или улогата на работничката класа во Германија. Од приходите од продажбата на прирачниците, но и од средствата на  „Синдикатот за образование и наука“, кој Георг Екерт го основал 1948-та,  била финансирана првата британско-германска комисија за учебниците. Во јули 1949-тата во Брауншвајг се среќаваат британски и германски научници, кои заедно ги анализираат и проверуваат учебниците,  за да откријат скриени  националистички клишеа и да понудат препораки како тие трајно би се елиминирале. Токму тоа советување  беше  никулецот 1951-та да се основа „Институтот за меѓународно подобрување на учебниците“ во Брауншвајг. Неговиот соработник и коосновач во „Синдикатот за образование и наука“, Хајнрих Роденштајн, подоцна сведочи дека  Георг Екерт го создал институтот речиси од нула  или „од ништо“. Затоа што во тој миг за неговото основање немало „ниту правна основа, ниту буџет, ниту план за вработувања, ниту простории, ниту опрема за нив.“ Роденштајн  истакнува дека институтот  живеел само од опседнатоста на неговиот основач  Екерт и од воодушевеноста на неколку соработници, кои беа фасцинирани од таа задача. Средствата за финансирање на институтот, на почетокот,  во најголема мера ги обезбедува самиот Екерт. Дури 1953-та  покраинската влада одобрува средства за  еден соработник со полно  и една секретарка со половина работно време.

Поради успесите  на Георг Екерт во културата и образованието, тој станува и еден од основачите на германската комисија во УНЕСКО, со која претседава од 1964-тата се‘ до смртта 1974-тата. Освен тоа тој е во интензивна соработка со германското МНР, кое  многу ја почитува улогата на институтот во Брауншвајг  за подобро разбирање и пријателство со соседните народи. На таа цел Георг Екерт и‘ служи неуморно и на многу начини, се‘ до последниот здив. До 1970-тата беа одржани повеќе од 100 конференции за учебниците со претставници од земјите со кои Германија порано водеше војни. Особено значајни се француско-германските договори од 1951-та и германско-полските препораки за учебниците по историја и георграфија од 1975-тата. Германско-полската  комисија  ја започнува работата за проверка на учебниците  1972-тата, и тоа  како соработка на комисиите на двете земји во УНЕСКО. Таа комисија работи и ден-денес.

Да се градат мостови за разбирање меѓу народите

Покрај оваа дејност, Георг Екерт постојано работи на публикации, како автор и како подготвувач. Во своите списи тој се занимава со историјата на работничкото движење. Неговото најпознато дело е „100 години германска социјалдемократија“ од 1963-тата. Од 1961-та го подготвува и годишникот на Фондацијата-Фридрих-Еберт, „Архив за социјална историја“, кој брзо добива светско реноме, а се објавува и денес.

Георг Екерт  бил визионерски уверен дека е возможно со  историска анализа да се надминат предрасудите во внатрешната политика и во образованието на една земја. Како што веруваше дека на истиот начин може да се работи и во надворешната политика да се надминат предрасудите и да се градат мостови за разбирање меѓу народите. Мешовитите комисии од научници  и‘ служат токму на таа визија. Имено, на уверувањето  дека е можно образование кое не индоктринира, туку обликува критички мислечки личности, слободоумни и отворени кон другите народи.

Мешовитите комисии за учебниците  се  превентива против конфликтите и војните, како и заложба за мирна и просперитетна иднина не само во Европа, туку, пред се‘, на Балканот.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.