Несомнено Георги Гоце Делчев е голем човек. Кој народ не би сакал да има еден таков човек за национален херој? Револуционер, учител кој иако самиот бил се уште обесправен граѓанин на една империја, имал таква широка визија за светот да го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите. Лесно е денес во 2019 да ја изговориш оваа мисла, но замислете каков е тој блескав ум и широка душа, која ја изговара оваа мисла како комита, со пушка бернарка на рамо, на врв планина рано утро, гледајќи ја сопствената сенка која се шири во полето.
Каква прекрасна и модерна мисла, која може гордо да стои како мото пред секој спортски или културен натпревар. Секој модерен интелектуалец е љубоморен на таква силна и длабоко хуманистичка реченица. Тоа може да го каже некој кој ја сака сопствената култура, своите родители, своите комшии и сограѓани. Некој кој верува во богатството на сопствената култура, некој кој не се плаши од големиот свет, туку го гледа храбро со љубопитни детски очи. Некој како Георги Делчев Кукушанецот.
Се разбира дека слушам и читам за тентативите на македонско – бугарската комисија, која бара најдобро можна заедничка дата за чествување на великанот, онака како што заслужува. Извинете што се мешам, но имам и јас еден мој предлог, како охриѓанец.
Георги Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш.
Истиот ден и година, на 4 февруари 1872 година во Охрид се раѓа Хамди Чоку Гропа, истакнат албански преродбеник кој доаѓа од фантастично фамилијарно педигре. Хамди беј Охри е вистинска гордост за секој албанец во Охрид, Струга и цела Македонија. Еден од потписниците на декларацијата на албанската независност, основоположник на албански училишта дури и по империјалните зандани. Хамди беј Охри е познат од тогашната српска штампа како ,,Принцот на Македонија”. По заеднички договор со браќата Фраш`ри, Хамди беј Охри бил два пати во Белград каде (за жал) неуспешно преговарал и се сретнал дури и со Александар Обреновиќ, за правичната и просперитетна иднина на Македонија пост османлиската Империјална власт.
Хамди беј Охри, е внук на Иљаз Паша Дебарски, еден од оснивачите на Призренската Лига. Фамилијата Чоку, ги влече длабоките корени во древниот Охрид и потекнува по директна машка линија од фамилијата на охридските албански принцови Гропај. Андреа Гропа, жупанот на градот Охрид од времето на српскиот цар Душан Силни, како и Захарија Гропа, кој војувал заедно со Скендербег, се претците на Иљаз Паша Дебарски и Хамди беј Чоку Охри.
Не е само датумот и годината на раѓање единствената сличност на Георги Делчев и Хамди Охри. Тие ја делат и заедничката борба против заостанатата Османлиска Империја и едниот и другиот се учители. Еден од највидните албански интелектуалци од албанската преродба, Фаик беј Коница ( кој живее долги години во Њујорк, каде го издава весникот Илирија), има безброј критички осврти за многу видни албански дејци во своите писанија во својот и другите весници. Но за Хамди беј Охри и за неговиот човечки идеализам и интелект има само суперлативи. Многу видни албански историчари, често велат дека можеби Хамди беј Охри е единствениот, кој острото перо на Фаик беј Коница го има насликано позитивно и пофално. Кога Хамди беј Охри починал во Тирана, во негова чест, пазарот бил строго затворен цели 4 дена, за да разбере и старо и младо, дека починал охриѓанецот Хамди Чоку Гропај.
Се извинувам што напишав повеќе за Хамди Охри отколку за Георги Гоце Делчев, но тоа беше затоа што сум свесен дека за жал, Хамди Охри е многу малку познат во македонската и охридската јавност.
Не знам како ќе се договорат македонските и бугарските преговарачки групи за заедничкото чествување на големиот лик и дело на Георги Гоце Делчев, но би сакал да има и еден момент на културна прегратка помеѓу Георги Гоце Делчев и Хамди беј Охри, едниот роден во Кукуш, другиот во Охрид, на исти ден и во иста година.
Бугарите и Македонците треба да си подадат братска рака. И Албанците и Македонците треба да си подадат братска рака. Можеби стиснатите раце на Георги Гоце Делчев и Хамди беј Охри можат да ги врзат овие народи? Во иднина, ќе бараме светли примери и помеѓу српските и грчките, но и турските дејци кои не спојуваат. Да го израдуваме Георги Делчев. Мислам дека тој би бил пресреќен да биде дел и причина заедно со Хамди беј Охри, за да се зближат Албанците и Македонците и би се радувал со солзи на радост, на зближувањето на Бугарите и Македонците.
Јас отидов и чекор понатаму. Контактирав претходно со директните потомци на Хамди беј Охри, кои живеат во Тирана. Тие рекоа дека би биле пресреќни ако нивниот предок би можел да допринесе било како за зближување на македонскиот и албанскиот народ, но и со сите народи во Балканот, се разбира. Ајде сите заедно да почнеме да делуваме врз зборовите на Георги Гоце Делчев. Ајде сите да почнеме да го разбираме нашиот Балкан како поле за културен натпревар меѓу сите балкански народи. Зоран Заев и Алексис Ципрас, но и Никола Димитров и Никос Коцијас тоа го започнаа. Тие за тоа се номиновани за Нобеловата Награда за мир. Ајде сите да ги следиме во нивниот пат.
Ајде да организираме една Балканска културна Олимпијада, во која нашите студенти би се натпреварувале и би се дружеле меѓусебно. Нека почне Културната Олимпијада или Културната Универзијада на Гоцета Георги Делчева, синот на Никола и Султана Делчеви од Кукуш и нека сите учесници продолжат да го разбираат светот како поле за културен натпревар. Балканот има многу планини, но ако се искачеш на нивниот врв, ќе можеш да видиш и прекрасни балкански полиња и во нив, има место за сите, и за Србите, Румуните, Босанците, Хрватите, Црногорците, Албанците, Македонците, Бугарите, Турците, и за сите останати Балканци. Така зборувал и Георги Делчев, така зборувал и Хамди Охри, така зборувале и мислеле и многу други балкански видни револуционери и интелектуални преродбеници.
Сигурен сум дека бугарската и македонската комисија ќе изнајдат заедничко прифатливо решение за датумот за заедничко чествување на великанот Делчев. Истовремено, имам предлог до градските власти на мојот Охрид.
Предлагам на следниот 4 февруари во 2020 година, да се организира заедничка церемонија во чест на Георги Гоце Делчев и Хамди беј Охри, на која манифестација, ученици Македонци и Албанци ќе рецитираат стихотворби во нивна чест, да не се заборави.