Георгиевски: Можеби ќе беше подобро да бев писател, наместо политичар

4737

„Мојата македонска приказна – каде одиш, Македонијо?“ е насловена новата книга на Љубчо Георгиевски, основач на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Книгата ја објави издавачката куќа „Ѓурѓа“ во едицијата „Мацедонише цуштенде“.

– На околу 400 страници ја изнесува својата лична и политичка исповед, од денот кога првпат се впушта во политичките води до денешни дни. Читателот ќе се сретне со низа факти и настани кои авторот првпат јавно ги изнесува, потврдувајќи ја својата посветеност на македонското дело. Покрај другото, тема во книгата на најмладиот македонски премиер, се најкритичните мигови на современата македонска историја од осамостојувањето до денес, но и премрежијата низ кои мина партијата што ја основа и во чиј развиток се вложи себеси, соопшти „Ѓурѓа“.

Наведува и дека делото е своевиден животен и политички тестамент на авторот, исплетен од неверојатна искреност на еден политичар.

„…Земајќи ја предвид мојата метаморфоза, сигурен сум дека ако не бев ангажиран во политиката ќе бев познат македонски писател. Можеби, тоа ќе беше подобро и за мене лично и за Македонија, истакнува Георгиевски во својата книга во која се содржани имињата на стотина личности од историјата на Македонија, но и на наши современици – негови соработници, политички противници и личности кои имале влијание на неговиот личен и политички живот.

Љубчо Георгиевски (Штип, 1966) до завршувањето на средното образование живеел во Делчево од каде и потекнува. По завршувањето на гимназијата образованието го продолжил на Филолошкиот факултет во Скопје на Катедрата по општа и компаративна книжевност.

Георгиевски е политичар од десната провениенција. Основач е на ВМРО-ДПМНЕ и нејзин прв претседател до мај 2003 година, а потоа нејзин почесен претседател. Денес е претседател на ВМРО Народна партијата основана во 2012 година.

Бил политички ангажиран како потпретседател на претседателот на Република Македонија во 1991 година и пратеник во Собранието на Република Македонија од 1992 до 1994 година, потоа од 2002 до 2008 година и претседател на Владата од 1998 до 2002 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...