Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, учествува на 181. заседание на воениот комитет (ВК) на НАТО, во формат на началници на генералштабови кое се одржува денеска во седиштето на НАТО во Брисел, информираат од Генералштабот.
Оттаму соопштуваат дека на дискусијата од првата сесија на заседанието, првите луѓе на армиите биле информирани за клучните стратешки прашања со кои се соочува Алијансата.
На заседанието на ВК на НАТО, како што информираат од Генералштабот, се разговара за планови и насоки од воен аспект за понатамошно дејствување и се донесуваат препораки кои понатаму се разгледуваат на состаноци во формат на министри за одбрана од кои следниот е во јуни.
– Учеството на првиот човек на Армијата на сите сесии од заседанието на воениот комитет на НАТО е значајно од аспект што првпат имаме можност на иста маса со сите 29 членки на НАТО да ги проследиме дискусиите за сите крупни прашања на безбедноста во светски рамки, наведуваат во соопштението од Генералштабот.
Минатата година во ноември ВК на НАТО одржа сесија во Скопје како еден вид поддршка и упатена порака за постигнатиот прогрес на Република Северна Македонија кон полноправното членство во НАТО.