Потврда за традиционално добрите односи меѓу двете армии и взаемно задоволство од соработката на планот на одбраната, беше истакнато на средбата на министерката за одбрана Радмила Шекеринска со командантот на силите на САД за Европа, генерал-потполковник Кристофер Каволи, кој е во прва официјална посета на Македонија.
Министерката се заблагодари на континуираната поддршка на САД и ја нагласи важноста на стратешкото пријателство меѓу двете земји и неговото продолжување во духот на сојузништвото во НАТО каде Македонија наскоро ќе стане членка.
На средбата помеѓу генералите Ѓурчиновски и Каволи, се разговараше за меѓусебната соработка и учеството на претстојните заеднички активности на АРМ и командата на силите на САД за Европа. Генералот Ѓурчиновски искажа благодарност за 25 годишна извонредна соработка на АРМ со Вооружените сили на САД, како наш стратешки партнер, истакнувајќи го значењето на континуираната поддршка со изведување на заедничката обука и вежби предводени од оваа команда, за достигнатото ниво на способностите на АРМ според стандардите на НАТО.
Како пример на одличната соработка во оваа област се истакна претстојната заедничка вежба „Одлучен удар” која ќе биде досега најголема меѓународна вежба во Република Македонија. Во разговорот се истакна и придонесот на АРМ по минатогодишното зголемено учеството на свои припадници во мировните мисии, како и понатамошните планови за наше учество.
Генералот Кристофер Каволи, изрази задоволство за остварените денешни средби со министерката Шекеринска и генералот Ѓурчиновски при што истакна:
– Извонредното партнерство помеѓу нашите армии трае повеќе години – почнувајќи од нашата соработка во Авганистан и во Косово, преку Програмата за државно партнерство со Националната гарда на Вермонт, што датира од 1993 година. Учеството и спроведувањето на напорни и реални обуки со сојузнички и партнерски војски, дава можност на војниците од нашите две земји да ја зголемат подготвеноста и интероперабилноста, и да се стекнат со нови вештини и идеи. Посветени сме да го продолжиме ова големо партнерство и заедно, ќе останеме решителни и транспарентни во нашите цели за одвраќање на конфликти и помагање да се обезбеди мир во Европа.
Генералот Каволи по одржаните средби, на состанок на кој учествуваше дел од клучниот персонал на АРМ се запозна со актуелниот процес на трансформација и планот за опремување на АРМ, како и со деталите за учеството на АРМ на заеднички вежби во текот на 2019 година. Во контекст на соработката се истакна фактот дека оваа година преку 1000 припадници на АРМ ќе учествуваат на 10 здружени меѓународни вежби предводени од командата на силите на САД за Европа.
Како позначајни активности во кои ќе учествува персонал од АРМ со командата на силите на САД за Европа, покрај вежбата „Одлучен удар”, значително ќе биде и учеството на персонал од АРМ на вежбата „Saber Junction“ во СР Германија.