Фамозната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ во понеделникот беше предмет на коментари на сите страни, докажувајќи ни дека една „луда“ може да создаде илјадници луди, односно како неколку луди може да создадат неколку десетици илјади луди. Само заради неколку партиски врескачи со „прамакедонско“ усмерување – кои на прес-конференцијата создадоа алармантна атмосфера – и за оние кои на драго срце се фрлија на таа „афера“, па сега сите сме погрешно исправени пред дилемата (дали Мицковски е „вистински“ или „лажен“ вмроовец?).
Хронологијата на оваа дилема е кратка: почнува преку „дојавен глас“ (класично удбашење) за наводен поткуп, закани и уцени, демек само така „нашиот народ“ можеш да го престроиш да гласа за Уставните измени во Собранието? Дилемите на Мицкоски Х., почитуван читателу, се погрешни: Мицкоски воопшто не го демистифицира Јанчев со тоа што го исклучи од партијата (како највисока фигура во моментов на ВМРО-ДПМНЕ). Мицкоски од Јанчев направи голем човек, политичар од европски калибар, издигнувајќи го неколку копја над митоманскиот, националистички олтар на ВМРО. Дури, би се реколо, тоа е реализација на една легенда, имено нејзината реализација се оствари во сегашноста. Тоа што некои велат дека Мицкоски го обезвредни Јанчев (демаскирање на неговата личност, човечкото минато, грижа за историската аура на партијата и сл.), всушност е негова апотеоза.
Мицкоски докажа дека Јанчев не е никаков „мал и провинциски газда“ (метафора на сите „скопјани“ кои обожуваат на малограѓански начин да се подјебаваат со „внатрешноста“!), кој безглаво трча во „висока политика“, неразбирајќи дека Мицкоски води „јуначка војна со својата војска (упс, за малку ќе речев „граѓани“!) како важна опозиција (?) за спас на Македонија“. Или што би рекол Андреј Николаидис (мојата најважна референтна точка во моментов): „кој никогаш не застанал против својот народ, кој никогаш не тргнал против таа безумна индуцирана инерција, е за него не давам ни пет пари“. Или со други зборови, Мицкоски од Јанчев направи историска личност. Таквите историски личности, од Александар Македонски до Наполеон, од Леонида до Ајзенхауер, секогаш биле свесни за своите дела, па им требале хроничари, поети и сликари, комедијанти и панегиричари за нивното дело да не потоне во заборав.
Сѐ што Мицкоски направи од Јанчев е конечна реализација на една величина, оттргната од амбиентот на оперските кулиси, од штелувањето на сентименталните воздишки и пренемагања. На тоа се разбира не треба да се трошат зборови. Па, тогаш, дали и самиот Мицкоски знаеше што сака (кога од Јанчев несвесно направи голем политичар, а ми се чини дека не беше свесен ни самиот Јанчев дека заради своите ставови ќе биде набркан од феудалното ВМРО, што значи дека тој со својот гест го претрпе, надживеа историскиот момент што од него се бараше!), и како воопшто можеше да побара исклучување за Јанчев: единствениот кандидат што доби „апсолутни“ избори во Кавадарци (на два пати во два круга), и единствениот кандидат кој во политика се вклучи како богат и реализиран човек, за разлика од оние хистерични и професионални „патриоти“ кои се борат за историската кауза на пресветото ВМРО, а кои не освоија ништо на изборите, туку само беа бегло пелцувани од вождот Груевски.
Од друга страна, има еден важен момент низ кој се отсликува денес ВМРО-ДПМНЕ. Покрај сѐ, покрај сета настраност и перверзија, Мицкоски Х. е интересен субјект што во голема мера ни го објаснува и времето во кое се наоѓа нашата Македонска константа. Токму така, па дозволете да продолжам со неговиот лајтмотив – за гласањето или „идеите“ во Собранието кои ја конституираат нашата реалност. Што е тоа важно за Мицкоски, или е важно низ „делото“ на Мицкоски: апсолутно отсуство на реалност за сите оние кои останаа со „празен“ глас, односно оние кои не гласаа за Уставните измени во Собранието на Македонија. Важно е исто така да се каже дека приврзаниците на Груевски (зошто не мислам на Мицкоски?) се наоѓаа(т) во апсолутно отсуство од светот и неговите конкретни материјални факти. И во склад со тоа, луѓето се наоѓаат во потполна фасцинација од фантастичноста на светот. Практично тие луѓе живеат во бајка.
Исклучувањето на Јанчев М. во основа е драмско, ама сепак не е драма. Исклучувањето стои и е сочинето од лажната дилема и потполно е дисонантна со основната порака на партијата во која е главен Мицкоски: дали тој човек e „вистински“ или „лажен“ вмроовец? Дали е спореден или измислен? Ако и самиот Мицкоски успее да ја разбере прес-конференцијата која самиот ја составил, што е тоа што толку го боде да се конфронтира со Јанчев? Се плаши ли од него кога вели дека „партијата треба да се чисти“, се плаши ли од себе или има комплетна недоверба во луѓето со кои е опкружен, или едноставно тоа е „геномонт“ на ВМРО – кога си во државата, разделуваш па владееш; а кога си во партијата чистиш, па раководиш? И во едната и во другата феноменологија на „партискиот ум“, базди и корне на малограѓански нацифашизам.
Би сакал да го охрабарам Митко Јанчев, градоначалникот на мојот град Кавадарци – град што мене ми е одбран судбински или ми е доделен според животните околности (сѐ уште се двојам на тоа мое „или-или“): проблемот или „ѓурултијата“, градоначалниче, се мери према твоите соперници, проблемите се мерат според бројот на непријателите, а проблемите, пак, се решаваат според бројот на сојузниците. Нашите, општествено важни сојузници за овој град и за оваа земја се наоѓаат низ решавањето на спорот со Грција и зачленувањето во ЕУ и НАТО. А тоа не е прашање на „висока политика“, напротив. Од тоа прашање зависат нашите мали и секојдневни животни пракси: дали ќе бидеме нормални луѓе, дали ќе водиме јавен интерес или ќе војуваме за други, дали ќе имаме стандард, човечки права, правна држава и пристоен европски живот.
Меѓутоа, Мицкоски не може да создаде голем проблем затоа што, да не се лажеме, води мала и маргинална партија (во идејна смисла!). Барем засега така е конципирана, што заради надворешни влијанија, што заради него самиот. Единствено што тој несреќен човек може да направи е да пушти магла, баш како оваа, во која ќе се изгубат некои набљудувачи и проценувачи. Сепак, ова не е прилика или повод да се замолкне: ВМРО-ДПМНЕ може да постои или да стане повторно релевантно кога луѓето кои денес го негираат и критикуваат ќе станат негови лидери.
Митко Јанчев ми се чини дека тој конфликт го разбира, па со право застана цврсто против нивниот партиски репертоар. А вистинскиот однос на силите во партијата и реалниот конфликт помеѓу Мицкоски и Јанчев ќе го одреди натамошниот пат на ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното значење и тежина на Македонската политичка сцена. Релевантноста во политиката се заслужува, и таа воопшто не е секси, бара промислување на ужасно сложените политички процеси, и се додека е така, секси, на „прва рака“, Мицкоски и неговите лакрдијаши уште долго ќе гугуткаат во ноќта.