Новиот директор на Зоолошка градина – Скопје, Ѓорѓи Галетановски, најави генерално чистење.
Утринава, екипи на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“ започнаа со расчистување на високите треви, живеалиштата, како и ботаничката градина во Зоолошката градина. На терен беа и директорите на претпријатијата, Адриан Муча и Абдусамед Шабани кои најавија дека ќе продолжи соработката со Зоолошка градина Скопје се до нејзино финално расчистување. ЈП „Комунална хигиена“ донираше и 50 канти за отпадоци кои се неопходни за Зоолошката.
Ова е првиот чекор од проектот „Европска Зоолошка за европско Скопје“, а ќе се работи интензивно сѐ до конечно расчистување на омиленото катче на најмладите. Напоредно се работи и на нови инвестиции кои ќе придонесат за благосостојба на животните, како и за усовременување на постојните живеалишта.