Со генерален штрајк и протести одговараат жителите на островите од северниот дел на Егејското море, на одлуката на грчката влада да започне со изградбата на затворените центри за бегалци и мигранти, но и за, како што велат, „апсурдното насилство на полицијата“ јави дописничката на МИА од Атина.
– Затворено поради предавство“ – пишува на вратата на продавница на Лезбос, а на островот, како и на Самос и Хиос, денеска сите ставија клуч на врата, со оглед на тоа дека во генералниот штрајк учествуваат државните служби, рестораните, таверните и кафулињата, стопанската комора, како и трговците. Жителите напладне ќе одржат протести и на централните плоштади и на локациите каде што започнува изградбата на затворените центри.
Токму на овие локации во текот на вчерашниот ден повторно имаше инциденти меѓу локалното населените и полицијата, а на Лезбос траеја и до доцна во ноќта.
Булдожери и камион од војската за да ги избегнат блокадите на граѓаните поставени од двете страни на патот што води до конкретната локација, стигнаа преку шумски делови и започнаа со изградбата.
– Среда, 26 февруари 2020 – ден на генерален штрајк во северниот дел на Егејското море во знак на протест и динамична реакција на жителите за апсурдното насилство и употребата на солзавец од специјалните полициски единици по наредба од владата – напиша Костас Муѕурис, префектот на островите од северниот дел на Егејското море на неговиот официјален „Фејсбук“ профил.
Паралелно вели дека островите нема „да се претворат во затвори и постојан дом на десетици илјади имигранти, како што бара државата“.
Локалните власти и локалното население се против изградбата на затворените центри за бегалци и мигранти, односно против одлуката на владата, за која владиниот портпарол Стелиос Пецас на вчерашниот редовен брифинг со новинарите рече дека ќе се спроведе, а новите центри ќе се изградат.
Фото: МИА