Гевгелија доби нова пречистителна станица, ја градеа Македонија, Грција и Швајцарија

Премиерот упати благодарност до граѓаните на Швајцарија и на Грција кои плаќајќи ги своите обврски овозможија да се реализира овој многу значаен проект за нашата земја. Според него, реализацијата на овој проект покажува дека регионалната соработка со соседите ќе носи бенефит и добробит за граѓаните на двете земји.

803

Новата пречистителна станица за отпадни води во Гевгелија денеска беше пуштена во употреба. Таа е со капацитет на третман на отпадните води од 30.000 жители.

Изградбата на оваа пречитителната станица за отпадни води претставува трилатерален проект вреден 10,6 милиони евра, во чија изградба учествуваа Македонија, Швајцарија и Грција.

На пуштањето во употреба на станицата присуствуваа премиерот Зоран Заев, амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Техада, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков, како и гости од Грција.

Премиерот Заев истакна дека ова е петта пречистителна станица за отпадни води, покрај оние во Струмица, Радовиш, Кичево и Прилеп кои веќе работат и овозможуваат значително поздрава и почиста животна средина.

– Вложувањето во изградбата на овие пречистителни станици е многу важно за чистата животна средина, подобрувањето на квалитетот на водата, како и за заштита и унапредување на здравјето на граѓаните. Во реката Вардар нема повеќе да се влеваат отпадни води од општина Гевгелија, туку прочистена вода, која ќе го подобри квалитетот на водата на реката Вардар низводно од Гевгелија и на тој начин ќе се исполнат барањата од рамковната директива за води – нагласи Заев.

Премиерот упати благодарност до граѓаните на Швајцарија и на Грција кои плаќајќи ги своите обврски овозможија да се реализира овој многу значаен проект за нашата земја. Според него, реализацијата на овој проект покажува дека регионалната соработка со соседите ќе носи бенефит и добробит за граѓаните на двете земји.

Амбасадорката Техада оцени дека проектот потврдува оти Македонија и Грција можат да соработуваат и да придонесуваат во создавањето на подобра животна средина и подобри услови за живеење.

– Овој проект ја доведува Македонија блиску до ЕУ и помага во исполнување на барањата од директивата за води. Гевгелија може да се радува што има пречистителна станица и да се гордее што нема повеќе да ја загадува реката Вардар. Сите сакаме да ја видиме Македонија во ЕУ со здрава животна средина и стандарди што ги исполнуваат сите други земји – рече Техада.

За грчкиот амбасадор Димитрис Јанакакис целта е остварена на најпрофесионален начин со исполнување на сите ЕУ стандарди во изградбата.

– Како соседна земја сме многу заинтересирани за квалитетот на водата на реката Вардар и затоа сме спремни да обезбедиме и техничка помош за управувањето со водата и одржување на животната средина со запазување на ЕУ стандардите и регулативите.Веруваме дека реализацијата на овој проект може да биде индикатор како заедничката соработка може да биде од корист за двете земји – рече Јанакакис.

Заменик-министерот Јани Макрадули нагласи дека 2018 година ќе остане запаметена како година за изградба на пречистителни станици.

– Денес само се потврдува стратешката определба на оваа Влада за поинаков пристап во оваа област, а аргумент повеќе ќе бидат активностите за изградба на пречистителни станици во Тетово, Битола, Штип, Брегалничкиот слив и Скопје со што покриеноста на населението со прочистителни станици уште во времето пред да бидеме членка на ЕУ ќе биде поголема од некои земји членки на унијата – рече Макрадули.

За градоначалникот Сашо Поцков ова е значаен предуслов за еколошкиот развој на подрачјето, кој ќе биде заокружен со изградбата на уште три проекти кои се во завршна фаза. Тоа се времената депонија за цврст отпад, новиот водоснабдителен систем и регулацијата на дел од коритото на Сува река. Сите тие, рече Поцков, ќе овозможат брзо приклучување на општина Гевгелија во европските текови.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...