ГДУ ја поздрави препорака и порачаа оти мора да има кредибилни реформи во медиумите

71

Граѓанско демократската унија (ГДУ) преку соопштение го поздрави напредокот нотиран во Извештајот на Европската Комисија за подобрување на климата во медиумите и основните човекови права.

„Во медиумската сфера мора да има трајни и кредибилни реформи. Медиумите мора да бидат ослободени од политичко влијание и да биде охрабрено истражувачкото новинарство. Медиумите не смее да дејствуваат како гласноговорници на центрите за комуникација на политичките партии во земјава. Неопходна е департизација и професионализација на јавниот радиодифузен сервис и регулаторното тело – Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, нагласуваат од ГДУ.

Од партијата апелираат до парламентарните политички партии да го почитуваат она што го потпишаа пред две години во Пржино и да ги следат препораките од Прибе. Исто така, потенцираат, гласот на медиумските претставници е многу важен во целиот процес и нивните забелешки мора да бидат земени предвид.

„ГДУ се залага и за строги санкции за оние кои ќе се осмелат физички или вербално да нападнат новинар, ваквите случаи не смее никој да се обидува да ги заташка и не смее да заглавуваат во судските лавиринти. Во иста насока е и Извештајот на ЕК дека кога станува збор за напад или закани упатени кон новинари мора да има нулта толеранција“ пишува во соопштението.

Во однос на тоа дека Европската комисија потсетува дека се неопходни и реформи за заштита на човековите права, ГДУ бара поголема инклузија на помалите етнички заедници во општеството бидејќи секојдневно, како што потенцираат, сме сведоци на една политика која води кон би-националност. Ние се залагаме за вистинско мултикултурно општество.

„Потребна е сериозна политичка волја за вистинска малцинска политика. Ајде да видиме дека ова навистина може да биде „Едно општетсво за сите“, а не само за Македонците и Албанците“, порачуваат од партијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...