ГДУ: Шилегов не само што не го уреди кејот, туку и ѓубрето го остави во Вардар

272

Состојбата на реката Вардар е очајна. Амбасадорите ни го чистат ѓубрето покрај Вардар, а коритото на Вардар со години е преполно со ѓубре, комунален и градежен смет, стари машини за перење, апарати за домаќинство и феклен отпад, за кој никој од политичарите не предвидел решение, реагираат од Граѓанско-демократската унија (ГДУ).

– Доволно е да се доближите до ивицата на кејот и погледнете одблизу, ќе видите и помирисате отпадна вода, полна со фекалии. Во водата е откриено и присуство на метали. Во Вардар се фрла сѐ и сешто. Еколошките здруженија постојано алармираат. Има и помор на риба. Но кој да ги слушне? Министерството за животна средина и Град Скопје не реагираат. Кога во 2017 година Шилегов ја бараше довербата од скопјани, меѓу многуте ветувања, вети и  дека ќе го уреди кејот на реката Вардар. Но, не само што не се фати за работа и да го уреди кејот, туку и ѓубрето го остави во Вардар. Се спасивме од Панорамското тркало, ама не и од нечистотијата – вели портпарлот на ГДУ, Дарко Попоски.

Меѓутоа, вели тој, одговорноста не е само кај Град Скопје туку нечистотијата зависи од волјата на сите општини низ кои поминува Вардар, а речиси и да не сме слушнале за некакви меѓуопштински иницијативи за одржување на хигиената на реките.

– Реката нема континуиран мониторинг. И локалните власти прстот го вперуваат кон несовесните граѓани. Но ние прашуваме, кој треба да ги спречи нив? И дали треба да се остави во водата она што го фрлил некој? Во Вардар има повеќе ѓубре отколку што има вода. Вардар не заслужува инертен однос – вели Попоски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...