Во јавната администрација и натаму има фиктивно вработени. Операцијата за „активирање“ на лицата кои беа вработени по Рамковниот договор и кои со години земаа плата, а не одеа на работа е блокирана, реагира Граѓанско-демократската унија (ГДУ).
„Голем дел од државните службеници на кои им беше понудено, како и сите останати да си ја заработат платата, не се појавуваат на работните места, а и натаму си добиваат плата за седење дома. Според она што го слушнавме од надлежните имаа можност и доколку не им се допаѓа понуденото, да одбијат, па дека ќе добијат нова понуда и ако и тогаш не прифатат ќе им се раскине договорот. Но и покрај сите привилегии за најпривилегираните административци, гледаме како законот грубо се крши, милиони од буџетските средства се одвојуваат за неработење, одговорност нема, а вицепремиерот Хазби Лика се крие од јавноста“, се наведува во реакцијата на ГДУ.
Оттаму потсетуваат дека токму вицепремиерот е дел од Советот за реформи во јавната администрација, кој се формираше лани во рамки на Планот 3-6-9 и требаше да ја следи реализацијата на стратегијата за ефикасна, професионална и посветена државна служба.
„Вицепремиерот мора да излезе и да ѝ одговори на јавноста: Зошто овие лица не одат на работа и врз основ на што уште добиваат плата? Дали воопшто им било понудено одредено работно место, и ако им било дали одбиле, па и покрај тоа сѐ уште се во работен однос? Дали вака се следат европските правила? Дали на овој начин ќе департизира и професионализира јавната администрација?“, прашува ГДУ.