ГДУ: Уште колку пати треба Прибе да дојде и да ни црта што треба да направиме

305

Основните заложби и ветувања на СДСМ за време на предизборната кампања
беа „ Нема правда, нема мир“. Само да потсетиме, ветуваа реформи во
правосудниот систем, одговорност за судиите и ревизија на извршителите.
Ветуваа дека обвинителството ќе го разбудат од деценискиот зимски сон но
од сите тие ветувања нема ништо, рече на прес-конференција Дарко Попоски, портпарол на ГДУ.

-Поминаа три години од владеењето на СДСМ, а не слушнавме дека нешто се
промени во сферата на судската власт. Напротив, кризата со владеењето на
правото се продлабочува, а правдата за обичниот граѓанин е се
понедостапна. Министерката за правда која пред да стапи на функција,
фотелјата од министерството за правда ја гледаше како посебен предизвик,
сега скоро никаде ја нема, како што ги нема и реформите. Слушаме само
некакви коментари за венецијанската комисија како министерката да живее
во Венеција а не во Македонија.

Треба ли да бидиме дел од ЕУ или треба ли да ги започниме преговорите со
ЕУ за да направиме општество достојно за граѓаните каде законот ќе важи
подеднакво за сите?

Уште колку пати треба Прибе да дојде и да ни црта што треба да направиме
за да имаме функционална демократија и професионална и некорумпирана
судска власт?

На кого му одговара предлагањето на судии зад затворени врати без јавна
дебата, иако ветуваа потполна транспарентност на правосудните
институции?

Имаме судии за кои во СС спијат огромен број на претставки и поплаки за
нестручно и несовесно работење како и за злоупотреби на должноста и
овластувањата, но истите судии непречено не само што се дел од судската
власт, туку истите тие судии добиваат унапредувања во апелациони судии,
претседатели на судови или за иронијата да биде поголема ги назначуваат
за реформатори на правосудниот систем. Каков апсурд!

Сведоци сме дека судии донесуваат лажни и паушални пресуди, сведоци сме
за судија кој водел судски постапки со починато лице, извршител кој
извршува десет години без извршна исправа и какви уште не масакрирања на
сопствениот народ.

На кого му одговра ваквиот хаос, корупцијата и невладеењето на правото
во Р.Македонија?

Единствено се залагаат како да ги вдомат фамилијарните чиновници од
најнепрофесионалниот и најнепотистичкиот проект во историјата на Р.М
наречен СЈО, за кој се потрошија огромни средства на граѓаните за на
крај сите да бидиме сведоци за тоа што го направија.

Апелираме, министерката за правда и судскиот совет да преземат соодветни
мерки и ги санкционираат ваквите судии и извршители, да смогнат сили и
имплементираат барем минимален дел од она што го ветуваа, бидејќи сите
сондажи и анкети на граѓаните покажуваат дека довербата е на најниско
ниво во судската власт, а и сите надворешни фактори укажуваат дека во
Р.Македонија, со владеењето на правото има сериозен проблем.

Една од причините за недобивањето датум за преговори со ЕУ е токму
непостоењето на правна држава како и отсуството на иницијатива за
реформи на правусудната власт – смета Попоски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...