Колку ни е функционален образовниот систем? Колку знаењата што системот им ги пренесува на нашите деца, нашите млади, соодветствува на она што понатаму животот ќе го бара од нив? Дали ги подготвуваме за самостоен живот и за извршување на работните задачи или само го упропастуваме нивниот интелект и нивната природна волја за нешто ново, за нови знаења, за нови предизвици?, прашува ГДУ.
– Одговорот никогаш нема да го добиеме од нашите, од нашето Министерство за образование и наука, за ресорот за кое е најкомпетентно. Затоа овој одговор ќе го добиеме од надворешните, непристрасни, објективни институции кои ќе ни кажат колку всушност е лоша работата во нашиот двор.
За жал секогаш некој друг подобро знае од нас самите за тоа каде и како живееме и каде се движи овој наш брод наречен Македонија.
Нацрт-извештајот изработен од страна на стручниот тим на Организацијата за економска соработка и развој, за минатата година, истакнува дека повеќе од половина од учениците во државата, по завршување на основното и средното образование се на ниво на неписменост. Неподготвени се и ги немаат основните знаења за успех во животот. Проблемот го посочуваат и го лоцираат и кај учениците, но и кај наставниците и професорите. Ние би кажале проблем на целиот систем.
Така да наместо место за образување, стекнување знаења, нашите училишта станаа места за создавање на неписмени, Illiterate, аналфабети. Се размножи ресавската школа на препишувачи и само се цени copy-paste, без никаков сопствен, индивидуален пристап. Децата ни се вкалапуваат во системот, без можност да се издигнат над него, да го унапредат.
Не може она што е добро поставен систем на образование, со здрави основи и инволвирани чинители кои сакаат да се напредува да доживува едно вакво фијаско и повеќе од половината ученици да ни се функционално неписмени. Па тие се нашата иднина, нашите ценети доктори, професори, судии и адвокати, инженери, научници.
Каде ќе ни оди државата ако таквата младина си го зеземе уште сега местото за кое ги подготвуваме. Нема да ни биде светла иднината, верувајте.
Не смееме да молчиме. Барем не оние кои се тука да бидат коректив на системот, да укажуваат на недостатоците и да даваат решенија кои ќе не гураат напред. ГДУ се смета себе за таков субјект на нашата политичка, но и општо јавна сцена и не сака работите да се ставаат под тепих.
Проблемот кој не го решаваме, не значи дека го нема!
Голото копирање на болоњскиот систем или Кембриџ- системот кај нас не вродува плод. Треба да ни биде јасно дека само пренесување на туѓи искуства без нивно правилно согледување и прилагодување на нашата почва, нема да даде позитивен ефект. Напротив може да го упропасти и она што веќе го имаме постигнато.
Така сега квантитативно се фалиме со бројки на запишани ученици и студенти, отворени факултети. Со бројки на постигнат успех кој од година во година оди се погоре и погоре. Квантитативно сме земја на генијалци, каде скоро и да нема човек без завршено средно образование, а по ново и со завршен факултет и стекнато звање Магистер на науки.
Но треба да се оценува и квалитетот на сето тоа. А квалитетот е далеку, далеку под нивото кое го претставуваме. Оној познат скеч од К-15-„Ти мора да си магистер“. Во Македонија секој друг е магистер, па ако не сум јас, тогаш мора да си ти-кај нас стана реалност.
Имаме факултетски дипломи, имаме звања на експерти за ова, за она, но немаме знаење. Имаме сѐ, но немаме ништо. Сите се празни со знаење и работодавачите мака мачат да ги остручат за работа за она што го учеле во клупите или во амфитеатрите.
Оваа пракса мора да се прекине. Мора образовниот систем да го ставиме на „здрави нозе“. Доста беше штанцање на дипломи кои не можат да се искористат. Созадавање на профили кои нема каде да се вработат поради тоа што пазарот на трудот не ги бара. Да созадаваме „технолошки вишоци“ уште во основните училишта.
Треба здраво да се зафатиме со работа и наместо сѐ да ставиме на формално образование, да се свртиме и кон неформалното. Кон образование прилагодено на потребите и интересите на децата и младите.
Финска не случајно е лидер во образованието. Ги ценат афинитетите на децата и нивната иднина ја определуваат сообразно на нивните квалитети и интереси. Не се наметнува слепо и послушно еден модел кој треба сите да го следат, туку се бара решение поединечно за секое дете.
Она што го сееме, тоа ќе го жнееме. Она што сега го пренесуваме на нашите деца, искрено не не води кон светла иднина. Мораме да менуваме и тоа мораме брзо да го сториме.
ГДУ бара ревидирање на целиот наш образовен систем. Премногу сме реални за да поддржуваме нешто што објективно не функционира. Дајте да преземаме нешто додека не е доцна. Да бараме меѓународно искуство, стои во соопштението.