ГДУ: Нема правда ако не му се застане на патот на криминалот ВИДЕО

306

ГДУ одржа прес-конференција посветена на начелното правно мислење на Врховниот суд за надлежноста на СЈО, а информацијата ја пренесуваме во целост:

„На ден 30.01.2019 година, Врховниот суд на Република Македонија, на општа седница донесе начелно правно мислење со следната содржина: „Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка, во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов, кој не може да биде пречекорен сметано од денот на приемот на материјалите“.

Цитирање на член 22 од Законот за популарното СЈО:

„По истекот на тој рок од 18 месеци не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија предвидени во Законот за кривична постапка“.

Ако целокупната јавност знае дека истиот материјал помпезно, со медиумска покриеност, беше предаден на СЈО на 30.12.2015 година, тогаш јасно е дека рокот истече во јуни 2017 година. Начелно правното мислење на највисокиот суд во државата, донесен согласно на Уставот и Законот за судовите, со цел да се обезбеди единство во примената на законите од страна на судовите, тоа не е ништо спорно.

Но во нашиот правен систем, судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани врз основа на Уставот. Јасно е дефинирано начелото на уставност и законитост, како едно од темелните начела. Мислењата и одлуките  на судот не се извор на правото и не можат да бидат основа за правораздавање. Единствено компетентен орган е Собранието, кое го донело законот и има уставна обврска и да врши автентично толкување на истиот.

Неколку дена по донесување на ова начелно мислење, нема јавно соопштение од ниту една компетентна државна институција. Ги нема Советот на Јавни обвинители и Судскиот совет на Република Македонија, како реакција на луѓето од фелата. Ги нема бројните правни експерти на позицијата или опозицијата, да ги бранат или напаѓаат ставовите на Врховниот суд. Правен молк за работа што воопшто не е наивна.

Судбината на СЈО е директно поврзана со судбината на сите наши граѓани. Не ни е сеедно дали сторителите на кривичните дела за кои дознавме во популарните бомби ќе одговараат или не. Дали криминалот ќе биде изведен пред лицето на правдата или уште еднаш политичките договори ќе бидат појаки од правдата.

Имаме уставно право на слобода на јавно информирање и сакаме да знаеме што и како се случува.

Граѓанско Демократската Унија прашува – дали некој ќе одговара и дали тоа ќе бидат главните, наредбодавачите или само подолниот ешалон на „слепи” извршители на наредбите. Дали ќе има епилог на конфискација на имотот кој е украден од нашиот буџет или ќе има само декларативно изјавување дека нема институција што може да го гони овој криминалитет, поради законска ненадлежност на надлежните.

Калимеро велеше „нема правда“, шарените додадоа „нема мир“, а ние ќе прошириме со „нема ни да има ако не му се застане на патот на криминалот“, порачува Граѓанско демократската унија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...