Наместо министерот Дамјан Манчевски да излезе со конкретни предлози како да се мотивираат вработените да си ја заработат платата, а граѓаните да добијат подобри услуги, тој излезе со „генијално“ решение. Замислете на кој не му се одело на работа да си седи дома и да си зема социјална помош, која впрочем е приближно колку минималната плата. Министерот ги мотивира административците да не работат, реагира ГДУ.
-Министре, со оглед на тоа што вие и вашиот колега Хазби Лика, не успеавте да го решите проблемот со околу 1000 административци по Рамковен, кои со години земаат пари од македонскиот буџет, а седат дома како да се социјалци, не сме премногу зачудени од вашиот предлог. Но веруваме дека барем пред да заигра метлата и во моменти кога Брисел не оценува, барем малку ќе се потрудите да најдете начин за подобрување на работите – порачуваат од ГДУ.
Од ГДУ, велат дека се понадевале дека на министерот му станало јасно оти со роднини во администрација – нема реформи и ќе се почне од оние кои дозволиле такви вработувања но се излажале.
– Да ги мотивирате раководителите да се борат против непотизмот и партизацијата. Очекувавме да кажете што донесоа вашите Стратегии и акциски планови кои ги промовиравте, кои се промените aкo се направени. Како ги измеривте? Или пак министре Манчевски се откажавте од вашите грандиозни стратегии, па решивте да ја средите администрацијата со „генијални“ решенија?, реагира ГДУ.