ГДУ го повика вицепремиерот за Рамковен договор да каже дали нешто сработил. Не портпаролот Мухамед Хоџа, туку вицепремиерот Хазби Лика треба да излезе во јавноста, велат од ГДУ.
– Прво да видиме дека нешто работи, како што тврди владиниот портпарол.
Второ на јавноста мора да и одговори и тоа со бројки колку од административците по Рамковен прераспределил. Колку од нив одат на работа, колку седат дома, а плата си тече. Колку пари од државниот буџет се долеваат за неработење – бара ГДУ.
Од партијата додаваат дека според законот, три дена ако не се појавиш на работно место без образложение, автоматски добиваш отказ.
– А законот нели мора да биде еднаков за сите, за тоа се бореа оние кои ја формираа Владата. Законот мора да важи и за Хазби Лика и за оние кои наводно ги распределува. А според се што се изнагледавме и изнаслушавме, очигледно во оваа држава која се стремиме да биде правна, принципот на „заштитени мечки“ и „привилегирани граѓани“ продолжува беспрекорно да си функционира. Само треба да си член на ДУИ и можеш да си правиш што сакаш. За жал тоа е така кај нас, а во европските држави за исплаќање на лажни плати и за непочитување на закони има одговорност – велат од партијата.