Македонија има потреба од одговорни политичари кои ќе имаат јасни приоритети и стратегија за сите државнички прашања, реагира ГДУ по објавувањето на владиниот тендер за хортикултурно уредување на државните институции.
Реакцијата на ГДУ во целост:
„Смирени, по изјавата на почитуваниот портпарол на Владата на Република Македонија, г-нот Миле Бошњаковски (23.08.2018) дека цената на тендерот за хортикултура нема да изнесува точно 660 илјади евра, туку ќе биде помала, би сакале да поставиме неколку прашања:
- Колку ќе чини поливањето на цвеќињата од тендерот и дали трошокот за одржувањето на истите нема да влезе во графата-долгови кон Водовод и канализации?
- Кој ќе го добие тендерот за ѓубриво? Дали и тогаш, кога истиот тендер ќе се обелодени, портпаролот Бошњаковски, ќе ги смирува граѓаните дека цената на тендерот ќе биде помала?
- Која е разликата меѓу потрошените 750 илјади евра за жалните врби во Вардар и 660-те илјади евра што ќе бидат потрошени за украс на 20 државни објекти?
Ние од Граѓанско Демократската Унија мораме да признаеме дека Владата повторно го погоди моментот за да влезе во кафе муабетот на јавноста. Во време на протести на земјоделските произведувачи на сливи во брегалничкиот регион, се појавува и информацијата дека ќе бидат потрошени неколку стотици илјади евра за цвеќиња.
Брзаме да ја потсетиме Владата дека за малку повеќе од две недели и официјално ќе започне кампањата за референдумот, а нејзината позиција и не е од најпопуларните меѓу граѓаните. Со распишувањето на вакви хортикултурни тендери во очи на гласањето за една од најважните одлуки за иднината на Македонија, поените во салдото на Владата се намалуваат со голема брзина.
Македонија има потреба од одговорни политичари кои ќе имаат јасни приоритети и стратегија за сите државнички прашања.
Ако за Владата на г-нот Заев трошењето на повеќе од пола милион евра за цвеќиња е приоритететен проблем што треба да биде решен во ваков интересен пред референдумски период, тогаш навистина имаме проблем“, реагира ГДУ.