Додека владината коалиција размислува и анализира, за можноста да имаме парламентарни заедно со претседателските избори, а нивните удобни „опозиционери” во лицето на ДПМНЕ одамна се изјаснија за избори „две во едно“, македонските граѓани секојдневно се разочаруваат од политиката, оценува ГДУ.
Интегрално денешното соопштение на ГДУ:
„За потсетување би го споменале фактот дека Мицкоски уште пред да започне процесот со уставните промени, спомна дека очекува и ќе бара парламентарни заедно со претседателските избори.
Истовремено двете монопол партии, заедно со нивниот вечен „тендер“ ортак во лицето на ДУИ, исклучително брзо се договорија за финансирањето на партиите од буџетот на државата кој ќе не чини 4.5 милиони евра годишно.
За составот на ДИК и ред други државни институции, им се потребни неколку состаноци, каде за секунда удобно ги сместуваат своите партиски јуришници на стабилна државна издршка.
Но никако не успеваат да се договорат за промена на изборниот модел, за разбивање на политичкиот монопол и за создавање на политичка конкуренција. Упорно вкопчани како пијавици во човечката кожа, години на ред манипулираат со оваа тема.
Ги надградија своите политички ставови до издигање на консензуални кандидати за претседател, за кое не е важно колку е способен, каков потенцијал има и за каква визија би се залагал, едноставно е потребно да биде одобрен од владините партнери и тоа е доволно.
И на крајот сите се чудиме зошто почитуваниот британски неделник „Економист” не позиционира во друштвото на земји со „хибриден режим”. Ние и оваа година ќе бидеме сведоци на нон-пејпари и одлагање на датумот за започнување преговори со ЕУ итн.
Со 4.5 милиони евра од нашите даноци, со „консензуални-наместени натпревари”, со изборен модел од минатиот милениум, со списоците од партиски вработувања, со непрочистен избирачки список и ред други класично балкански методи на правење политика, што друго да очекуваме освен позиција на „хибриден режим”, а Европската комисија да ни соопшти дека изостануваме во реформите?!
Многу брзо заборавија на паролата „нема правда, нема мир”, бројчаникот го заменија со железни опинци, а непотизмот и другите лоши пракси ги презедоа од своите предходници.
Почитувани сограѓани, време е да се стави крај на овој политичко-тендерски плурализам, за кој на крајот ние ја плаќаме сметката, а повратокот од ДДВ уште е имагинација“, порачува ГДУ.