Граѓанско Демократска Унија (ГДУ) ги охрабрува сите пратеници, министри, државни и партиски секретари уште од утре здраво да се фатат за работа и да ги изгласаат сите возможни и невозможни закони од т.н. пакет на реформи.
– Законот за СЈО, законот за судски совет, за кривична постапка, за спречување на корупција и судир на интереси, за медиуми, за употреба на оружје на членовите на ДУИ, правото на алчност и лакомост, законот за тендери и вработувања на СДСМ, правото на корупција и криминал … не оставајте сѐ за јануари – се вели во соопштението.
Оттаму апелираат да останат „доследни на нашите евроатлантски аспирации и да не дозволите на тој пат да ни се испречат некакви неодговорни реакции во јавноста“.
– Докажавте дека кога се во прашање „ државните интереси” секогаш ги надминувате партиските разлики а неодговорната јавност не умее да препознае дека Вашиот, партиски и деловен интерес е заеднички, национален интерес. Веруваме дека како и досега ќе одолеете на секаков притисок и нема да дозволите да се почувствува разлика на пример, дали составот на Антикорупциската Комисија е целосен или не?! Ве охрабруваме целосно да го озаконите „двозаконието” за да се избегнат непотребни недоразбирања во нашата скорешна евроатлантска иднина. Во таквата иднина се подразбира дека секој ќе си го знае местото (ако не го научил досега) – стои во соопштението.
Оттаму велат оти веруваат дека на долг рок „ќе добиеме задоволни наставници, пристојни пазарџии, сниходливи лекари, издржливи војници и слично“.
– За полицајците нема што да се додаде – се вели во соопштението.
Од ГДУ велат дека „за вас само небото е граница, обидете се да ја достигнете, ние веруваме дека сте способни и за тоа“.