Во име на вашите „задоволни“ сограѓани имавме должност да Ви подариме еден букет, но поради вашата „ангажираност“ и недостапност решивме цветовите да ги засадиме во дупките на улиците од нашиот град кој во моментот Ви припаѓа Вам, така да и цветовите се на правото место. Не, не се тоа оние дупки кои вашите сопартици ги фотографираа пред изборите додека бевте опозиција, овие дупки се малку поблиску до Широк Сокак, реагира од Граѓанско-демократската унија (ГДУ) – Битола, објавувајќи фотографии со засадените цвеќиња.
„Можеби сега не ги забележувате дупките затоа што службените возила не го имаат истиот ефект како приватните возила на граѓаните, а и последиците не влијаат на вашиот домашен буџет. Можеби не можете да ги видите поради уличното осветлување кое свети колку да се берат комарци околу него или толку многу се грижите за граѓаните и сакате да ги преориентирате на велосипеди со кои полесно ќе ги избегнуваат дупките па и загадувањето на воздухот ќе биде намалено. А воздухот е истиот онај стар добар загаден воздух поради кој протестиравте во минатото, а кој сега никаде не го споменувате па не го видовме ни транспарентот кој беше редовен декор на фестивалот „Браќа Манаки“. Можеби тогаш Ве занесе филингот на црвениот тепих, па се почувствувавте како да сте на fashion tv и оттаму добивте инспирација за фото сесиите кои се единственото нешто што го гледаме одвреме-навреме“, пишува во соопштението на ГДУ Битола.
Според гласините, наведуваат од партијата, еден добар период и потпишувањето на најобични документи тешко одело, па општинската администрација била нефункционална. Ја нема повеќе ни таа „една кофа боја“ која, како што посочуваат, нејзините сопартици толку многу ја споменуваа со која концесионерот на градските паркинзи го обележуваше градот, а и сè уште го обележува, не ги споменува ни „тендерашите” иако покрај старите се појави и по некој нов.
„А граѓаните сѐ уште ги очекуваат новиот градски стадион, спортскиот комплекс, полигонот, домот на Копанки, не знаеме дали ветивте затворен базен затоа што за него имаше повеќе ветувања, па не се сеќавам од кого и кога беа. Сѐ уште очекуваме дека нешто ќе направите, но добро знаете дека „ЌЕ“ е идно несвршено време и добро звучеше во програмите кои ги нудевте, но во сите овие години се изнаслушавме само ЌЕ направиме ова, ЌЕ направиме она, а не видовме ништо на дело, па кој знае дали воопшто и возот за Грција конечно ЌЕ свирни“, реагираат од ГДУ Битола.